Руските безбедносни служби бараат смена на Шојгу и Герасимов
Москва – Тврдокорните членови на рускиот безбедносен апарат и понатаму се за разрешување на актуелниот министер за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот Валериј Герасимов, објави Блумберг, повикувајќи се на пет неименувани извори „запознаени со ситуацијата“.
Фракцијата, исто така, поддржува воведување целосна мобилизација и воена состојба во Русија. Засега нема индикации дека Путин ќе преземе такви чекори, наведува Блумберг.
Според весникот, руската елита била згрозена од слабиот одговор на Путин на бунтот на платеничката група „Вагнер“ и нејзиниот шеф Евгениј Пригожин.
Притворот на Игор „Стрелков“ Гиркин, руски воен злосторник и поранешен командант на руските прокси сили во окупираниот Доњецк, на 21 јули од страна на офицери на рускиот Истражен комитет, уште повеќе ги подгреа тензиите.
Пред да биде уапсен, Гиркин на Телеграм напиша дека Русија „нема да преживее уште шест години од власта на оваа бескорисна кукавица“, алудирајќи на Путин.
Блумберг истакнува дека речиси 18 месеци по инвазијата врз Украина во Русија продолжуваат тензиите помеѓу фракциите. За самиот Путин, главното прашање често се смета за избор помеѓу компетентност и лојалност кон него како лидер.