Руски партизани одговорни за нападот на Дарја Дугина
Поранешниот пратеник во руската Дума, Илја Пономарев, објави дека зад експлозијата во која загина Дарја Дугина стојат руски партизани. Од Киев, каде што моментално е сместен, Пономариов објави дека е овластен да прочита изјава на Националната републиканска армија, која се бори против владеењето на рускиот претседател Владимир Путин.
„Оваа акција, како и многу други партизански акции извршени на територијата на Русија во последните месеци, ја спроведе Националната републиканска армија. Го прогласуваме претседателот Путин за узурпатор на власта, воен злосторник, кој го промени Уставот, кој води братоубиствена војна меѓу словенските народи и ги испраќа руските војници во сигурна и бесмислена смрт“, се вели во дел од изјавата на организацијата, прочитана од Пономарев за рускиот опозициски телевизиски канал „Утро Февруари“.
Пономарев додаде дека партизаните на територијата на Русија се подготвени да извршат и други слични напади против високи владини функционери, олигарси поврзани со Кремљ, како и против припадници на безбедносните сили на Руската Федерација.
Дарја Дугина беше ќерка на Александар Дугин – истакнат идеолог на рускиот национализам и меѓу луѓето во блискиот круг на рускиот претседател Владимир Путин. Таа беше убиена за време на викендот во експлозија во џипот со кој патувала на периферијата на Москва. Според аналитичарите, вистинска цел на нападот бил Александар Дугин. Претходно Москва обвини дека властите во Киев стојат зад убиството, но Украина категорично ги отфрли овие тврдења.