Руски напади во близина на Киев за време на посетата на Вадефул


Киев – Две лица загинаа во денешните руски ракетни напади во близина на Киев, за време додека германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул е во посета на главниот град на Украина, јави ДПА. 

Во Киев се огласија сирените за воздушен напад за време на настан со ветерани на кој присуствуваа Вадефул и украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека Русија започна напад со балистички ракети врз блискиот град Бориспиљ, каде што се наоѓа меѓународниот аеродром кој е затворен од почетокот на војната.

Според извештаите од украинските воздухопловни сили, најмалку три ракети беа испукани врз градот, кој се наоѓа на помалку од 30 километри источно од главниот град. 

Две лица загинаа, а осум се повредени, изјави гувернерот на регионот Киев, Тимур Ткаченко. Пријавена е и штета на складишта, возила и згради.

Нападот беше најновиот во серијата руски напади низ Украина во последните денови. Цел на нападите вчера беше родниот град на Зеленски, Кривиј Рог, каде што беше погоден трговски центар при што загинаа 16 лица.

По пристигнувањето со специјален воз на главната железничка станица во Киев, Вадефул ги осуди руските напади, обвинувајќи ја Москва за „неселективно убиство на цивили“ и намерно уништување на енергетската инфраструктура.