Руската амбасада сподели видео: Како најголемата руска македонистка гледаше на македонскиот јазик?


По повод 48. Меѓународна научна конференција за македонскиот  јазик при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“  руската амбасада во Скопје на својот Фејсбук профил сподели видео интервју со Рина Павловна Усикова, една од најглавните руски македонисти и афирматори на македонскиот јазик. Во интервјуто Усикова зборува за средбата со Блаже Конески и за развојот на македонскиот јазик низ децениите, кој според неа за 60 години откако бил кодифициран, достигнал ниво на развиените светски јазици за многу кратко време. 

-Македонскиот јазик, сега по 60 години е развиен и достигна ниво на најразвиените светски јазици. Тоа е јазик кој измина огромен пат за кратко време. Тоа е така зошто кодификаторите на македонскиот јазик  многу успешно одбрале дијалектна база, многу успешно создале  правопис и принципи на азбуката, многу успешно се определиле за социо-лингвистички  моменти на литературните моменти и се откажале од црковно словенската традиција која постои во рускиот и во бугарскиот јазик. Значи тоа е јазик кој се потпира чисто на народен јазик. Така што македонскиот јазик е развиен и нормален јазик на светската група на современи јазици“, оценува во интервјуто Усакова. 

Таа почина во 2018 година, но остави зад себе траги и пријателства во Македонија. Во нејзината биографија стои дека беше лингвистка, докторка по филолошки науки, професорка на Филолошкиот факултет на московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов” и членка на Македонската академија на науките и уметностите.Таа првпат ја посети Македонија во 1965 година и го научи македонскиот јазик фокусирајќи се на говорот на водечките режисери и актери на Македонскиот народен театар. Ментор ѝ беше Блаже Конески.  Нејзиното сведоштво и научна оценка има тежина поради актуелните негирања на македонскиот јазик од страна на официјална Бугарија.