Руска компанија избрана за надзор на изградбата на автопатите


Јавното претпријатие за државни патишта го откажа тендерот на кој беше избрана фирма од Хрватска за надзор на изградбата на автопатите од Коридорот 8 и Коридор 10. Постапката е откажана, а договорот сега е неважечки бидејќи победникот на тендерот не обезбедил банкарска гаранција во износ од 2,6 милиони евра.

Истовремено,  откриено е дека хрватската компанија ИГХ е руска. Ова синоќа на „Клик плус“ на ТВ21 го соопшти првиот вицепремиер на Владата, Артан Груби.

„Кога го проверивме, излезе дека хрватската компанија е во сопственост на Руси и во управниот одбор има  Руси. Сите средства на оваа компанија беа во руската банка“, изјави Груби.

Директорот на НП Државни патишта Ејуп Рустеми за ТВ21 рекол дека ова е нов момент и дека не постои критериум „кој не треба да се избере“ за надзорник.

„Секојдневно имаме процедура за избор на различни компании. Немаме никаков список од релевантните владини институции за да спречиме да се изберат такви компании кои имаат одредени руски влијанија“, изјавил Рустеми.

Инаку Груби во „Клик плус“ рече дека е добро што ова е откриено бидејќи како што додаде ова можело да биде сценарио за поткопување на Коридорот 8 и на договорот со американската компанија Бехтел и Енка.