Русите повикани на изборен протест поради Навални, Кремљ се заканува со последици


 Блискиот соработник на неодамна починатиот опозициски лидер Алексеј Навални, Леонид Волков ги повика Русите да излезат во голем број на протести против претседателот Владимир Путин за време на одржувањето на претседателските избори, на кои Навални повика пред неговата смрт.

Кремљ предупредува дека ќе има правни последици за секој што ќе го слуша овој „провокативен повик“ на луѓето што ги нарекуваат опасни екстремисти поддржани од САД.

Во објавата на социјалните мрежи од 1 февруари, Навални ги повика Русите да го искажат своето мислење со заедничко излегување на гласање во исто време, напладне на 17 март.

Навални почина во арктичката казнена колонија на 16 февруари.

Неговиот сојузник Волков во видеото на Јутјуб го нарече повикот за протест „директната политичка волја на Навални“ и последен повик за акција што тој го упати.

„Ова повеќе не е само политичка акција насочена кон надминување на политичката осаменост и изолација. Ова стана собир на жалост и граѓанска комеморација, акција во спомен на Навални, кој побара од нас да го одржиме“, рече тој.

Волков рече дека тоа е многу важно бидејќи „на тој начин луѓето ќе ја исполнат последната волја на Алексеј Навални“ и ќе ги охрабрат истомислениците да дејствуваат.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков за новинарите изјави дека поддржувачите на Навални се „добро познати по нивните провокативни повици за кршење на законите на Руската Федерација“ и дека „ќе има последици за оние што ќе одговорат на нив“, бидејќи таквата практика е „штетна“.

Навални повика на протест „Напладне против Путин“ како начин да се покаже отпор без ризик од апсење за учесниците бидејќи тие ќе протестираат со застанување во ред за легално гласање.