Русите не му веруваат на „Спутник“, бројот на мртви од ковид речиси милион


Русија ја започна годината со помалку ограничувања за ковид епидемијата од Западот и сo верувањето дека нејзината новорегистрирана вакцина „Спутник V“ ќе ја остави зад неа пандемијата. Но, новиот бран на коронавирусот во текот на летото беше проследен со уште поразорен бран есента, поттикнат од варијантата Делта, што предизвика  рекордни бројки на смртни случаи и инфекции.

И додека Европа и САД успеаја да го ограничат бројот на умирања  со помош на масовни кампањи за вакцинација, Русија не беше во можност да го следи примерот, во голем дел поради широко распространетиот скептицизам за вакцините.До декември земјата регистрираше преку 900.000  смртни случаи од почетокот на годината, според пресметките на „Москва тајмс“, а експертите веруваат дека бројката може да ја достигне мрачната пресвртница од еден милион смртни случаи до крајот на годината. Независните демографи веруваат дека природното население на Русија – ако се исклучат ефектите од миграцијата – го забележа својот најголем пад од Втората светска војна.

Раководството на Русија во ноември за прв пат за време на пандемијата призна дека нејзината прекумерна стапка на смртност  е директно поврзана со Ковид-19. Четвртиот бран, кој започна во октомври, беше особено смртоносен за земјава, болниците повторно се преполнија, а лекарите алармираат. Во најтешко погодениот месец октомври, земјата забележуваше  3.000  смртни случаи на ден.

Додека дневните инфекции и смртни случаи се намалуваат како што се приближува крајот на годината, виролозите предупредуваат дека земјата треба да се подготви за нови смртоносни бранови во новата година, при што позаразната варијанта омикрон може да добие  на сила во земјта во која само 40% од населението е целосно вакцинирано.

А, кога започна 2021 година, властите во Русија заедно со  раководство на развивачот на нејзината вакцина, Рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), беа желни да го зајакнат имиџот на нацијата преку таканаречената вакцинска дипломатија. Но, шампионите на Спутник V брзо се најдоа вмешани во низа скандали. Во Словачка и во Бразил, здравствените регулатори  рекоа дека не можат да ги проценат ризиците и придобивките од вакцината поради недостаток на податоци и недоследности во дозите.

Аргентина, еден од најголемите купувачи на Спутник V, во повеќе наврати  се пожали дека е во „многу критична ситуација“ бидејќи се соочува со недостиг од втори дози, за кои Русија рече дека се потешки за производство од првите. Гватемала, исто така, се соочи со недостиг, а во јули ја откажа нарачката за осум милиони дози поради претходните одложувања.

„Москва тајмс“, исто така, истражуваше тајна шема преку која РДИФ и додели на ОАЕ ексклузивни права за препродажба на „Спутник V“ на најмалку пет земји во развој со значително зголемување на цената. Шемата доведе до серија скандали во Либан, Кенија и Пакистан, додека парламентот на Гана отвори официјална расправа по извештаите.

Во 2022 година Русија се надева дека нејзиното растечко партнерство со Индија – централна земја за производство на вакцини – ќе помогне да се решат проблемите со производството. РДИФ вети дека ќе произведе импресивни 3 милијарди дози на Sputnik V следната година, како и „неколку стотици милиони засилувачи на „Sputnik Omicron“ за да го заштити светот од новиот вид.Но, за Спутник V и другите руски вакцини да бидат прифатени на глобално ниво, одобрувањето од ЕУ и Светската здравствена организација (СЗО) се клучни.

На почетокот на годината, СЗО соопшти дека нејзиниот преглед за тоа како Русија ја произведува вакцината против коронавирус Спутник V открил некои проблеми со полнењето на ампулите во фабриката.И ЕУ и СЗО оттогаш рекоа дека руските производители допрва треба да им дадат на регулаторите податоци што недостасуваат за нивниот тековен преглед.Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во декември рече дека Русија има „различно разбирање за тоа кои информации се потребни“ за одобрување.

Во текот на 2021 година, Кремљ се бореше со тврдоглавото одбивање на нацијата да се вакцинира, што го поттикна рускиот претседател Владимир Путин, кој ја прими вакцината Спутник V на почетокот на годината, да се пожали на јавен состанок во октомври дека „не може да разбере што се случува“.

„Имаме сигурна и ефикасна вакцина. Вакцината навистина ги намалува ризиците од болест, тешки компликации и смрт“, додаде тој.

Некои критичари го обвинија раководството на земјата за скептицизмот за вакцините, обвинувајќи ја владата дека и дава приоритет на нејзината домашна агенда пред битката против пандемијата. Во екот на бранот на инфекција во летото 2020 година, Москва одеднаш ги отфрли сите ограничувања за да протурка референдум за уставни промени што му дозволија на Путин да се кандидира за понатамошни мандати како претседател, изјавувајќи дека ковид е поразен. 
Во позадина, државните медиуми ја минимизираа пандемијата и ги исмеваа другите нации за нивните сурови заклучувања.

Други велат дека ниската стапка на вакцинација во Русија е дел од поширок регионален феномен, бидејќи другите постсоветски нации, вклучително Украина и Ерменија, исто така се борат да го убедат своето население да се вакцинира.

Кремљ може да добие одредено охрабрување од неодамнешната анкета  која покажува дека процентот на Руси кои се подготвени да се вакцинираат против коронавирусот се зголемил од 15% во август на 19% во октомври, што е највисока бројка од почетокот на пандемијата. Анкетата, исто така, откри дека 42% од Русите се за универзална задолжителна вакцинација – повеќе од 38% во јуни. Сепак, поголемиот дел од земјата останува невакциниран, а стапката на вакцинација во Русија неодамна почна да опаѓа, откако достигна рекордни 400 илјади дози дневно за време на краткото заклучување во ноември.

Голем број високи функционери и врвни лекари рекоа дека без нов и силен притисок што ќе вклучи задолжителна вакцинација низ целата земја, земјата веројатно нема да ја постигне целта од 70 отсто вакцинирани.Но, Путин, чиј изборен рејтинг опадна во втората половина на 2021 година, беше претпазлив и не сакаше да го жртвува својот рејтинг со непопуларните мерки за ковид и постојано порачуваше дека не е за присилна вакцинација и пристап со ковид сертификати. Думата веќе објави дека ќе го укине предлог-законот со кој се бара ковид сертификат  за пристап до јавниот превоз по критиките од Путин. Останува да се види дали ковид сертификатите  и другите ограничувања ќе бидат широко воведени низ целата земја во 2022 година.