Русите масовно го напуштаат ова место: Болници, гужви и цените им дошле преку глава и на оние што се преселиле пред една деценија

Бројот на Руси што живеат во Турција се намали за речиси половина во последните две години – од 154.000 во 2023 година на околу 85.000 во 2025 година, објави весникот „Известија“, повикувајќи се на податоци од руската амбасада во Анкара.
Турција, некогаш една од главните дестинации за Русите што ја напуштаа земјата откако претседателот Владимир Путин започна целосна инвазија на Украина, сега бележи постојан одлив. Остриот пад се случи во време кога инфлацијата во Турција достигна речиси 33 проценти, а цените на недвижностите, според централната банка, се зголемија за повеќе од 30 проценти во изминатата година.
Додека на почетокот заминуваа претежно новодојденци, „Известија“ наведува дека сега заминуваат и долгогодишни жители, вклучително и оние што живеат во Турција десет или повеќе години. Ирина Неплуева, жителка на Истанбул, изјави за медиумите дека на многу нејзини познаници во Истанбул, Анталија и Аланија им е одбиено продолжувањето на нивните дозволи за престој, дури и ако се сопственици на имот или живеат во Турција пет до десет години.
„Животот без дозвола за престој значи да се стане нерегистриран имигрант. Не се сите подготвени за тоа“, рече таа.
Руските дипломати во Анкара посочуваат на дополнителни пречки. Одредени градски населби сега се затворени за странци кои купуваат и изнајмуваат недвижен имот, даноците за странци се зголемија, а контролата врз имиграцијата е затегната.
Во август 2024 година, турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја, објави дека владата целосно ќе престане да издава дозволи за краткорочен престој на туристи. Покрај финансискиот и бирократскиот притисок, иселениците посочуваат и на пад на квалитетот на јавните услуги, долги редици во болниците, валкани улици и пушење на јавни места.
Овие услови ги наведуваат некои Руси да се вратат дома, додека други се селат во Србија, Португалија, Шпанија, а во некои случаи и во Грузија. Списанието „Економист“ го опиша бранот политичка емиграција од Русија од почетокот на целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година како најголемата масовна емиграција на земјата од 1920-тите.
Повикувајќи се на проценките на проектот „Re: Russia“, списанието наведува дека Казахстан и Србија примиле по околу 150.000 руски емигранти, Ерменија околу 100.000, Турција 90.000, Израел повеќе од 70.000, Европската Унија речиси 60.000 и САД околу 30.000.