Русија веќе го открила сторителот на убиството на Дугина?
Федералната служба за безбедност (ФСБ) на Русија објави дека нејзините украински колеги стојат зад убиството на Дарија Дугина. Ќерката на неоевроазискиот идеолог Александар Дугин загина во експлозија на автомобил за време на викендот. ФСБ дури го именуваше атентаторот како Наталија Вовк, 41-годишна жена која по злосторството се сокрила во Естонија.
Украина категорично негира дека стои зад убиството, за кое никој не ја презеде одговорноста, а не е ни познато дали таткото на жртвата бил цел. Вчера поранешниот руски пратеник Илја Пономарев – кој со години живее во Киев – го поврза убиството со руски партизани, кои лично го информирале за нивната мисија и планови, а според овие податоци целта била да се елиминираат и двајцата.
Од зборовите на ФСБ се разбира дека, според официјалниот став на руското контраразузнавање, цел била и Дарија Дугина, која требало да биде во истиот автомобил. Во агенцијата ТАСС пораката на ФСБ е претставена со наслов „ФСБ го откри убиецот на Дугина“ за помалку од два дена по експлозијата.
Објавена е и верзија за убиството: Вовк отишла во Русија на 23 јули со нејзината ќерка и изнајмила стан во зградата на Дугина и притоа ја следела со автомобил Мини Купер со трипати сменети регистарски таблички („Народна Република Доњецк“, Казахстан и Украина). Таа отишла на истиот фестивал „Традиција“, каде што биле присутни и Александар и Дарија Дугини и од далечина ја активирала експлозијата. Потоа побегнала во Естонија преку Псков.
Претходно, ТАСС и каналот Маш, за кои се знае дека имаат високи извори во руската влада , објавија податоци од истрагата. Според истражителите, експлозивот во автомобилот во кој загина Дугина бил активиран од далечина. Маш пишува дека била следена со помош на мобилни телефони, а експлозивната направа била активирана со повик од еден од тие телефони.