Русија умре – нема ни таква држава, ни таков народ

претворањето на Русија во структура на КГБ од доцниот советски период. И мораме да признаеме - ова е најуспешната специјална операција на Кремљ досега


„Русија умре. Нема ни таква држава, ни таков народ“, пишува рускиот новинар Константин Егерт, а го пренесува бугарски „Дневник“. Според него, руското образовано општество беше поразено од режимот и Кремљ успеа да ги втурне Русите во политички сон.

-Ништо не може да го разбуди општеството кое не сака да ја знае вистината. И ако дознае, не ја пушта да му се доближи…Во мојот стан во Вилнус, разгледувам архивски фотографии. На екранот на мојот компјутер се појавува една од моите први годишнини во радиото Комерсант ФМ, каде што работев неколку години. Поминаа 10 години оттогаш, но се чувствува како веќе да поминал еден век.

Светот во кој живееше интелигенцијата и средната класа во големите градови на Русија беше изграден на илузии.Овие илузии се засноваа на верувањето дека режимот на Путин ќе им дозволи на „привилегираните граѓани“ да задржат барем мал приватен простор во кој ќе дејствуваат како опозиционери, да создаваат и развиваат критички медиуми, дури и понекогаш да избираат опозициски политичари на функции, зад кои тие нема да има вистинска моќ.

Во замена за овие илузии, ние – и јас бев дел од овој свет и ја сносам мојата одговорност – моравме да се преправаме дека Владислав Сурков (поранешен специјален претставник на претседателот Путин за прашањата за Украина ) или новинарите од државните медиуми се само луѓе со други ставови, со кои не е грев да се ракува, па дури и понекогаш да се работи на некој заеднички проект. Сега гледам фотографија од една дамнешна вечер во замок во центарот на Москва и се проколнувам што сум се ракувал со оние од кои тогаш требаше да избегам.

Колапсот на овој свет започна уште со враќањето на Путин во Кремљ во 2012 година, а стана неповратна реалност по анексијата на Крим во 2014 година. На 24 февруари 2022 година, Путин ја замени привремената надгробна плоча на овој свет со постојана.

Војната – спас за Путин

Некои се прашуваат каде се сите оние луѓе кои излегоа на улиците на руските градови во 2014 година кога започна оваа војна? Или од 2015 година, кога беше убиен Борис Немцов? Литванците, на пример, често ме прашуваат каде се тие 400.000 луѓе кои во јануари 1991 година дојдоа во Кремљ да го бранат правото на Литванија на независност.

Одговорот е едноставен – ниту оваа земја, ниту овој народ не постојат повеќе. Доцниот Советски Сојуз загина во годините на приватизација, неисплата на платите и првата војна во Чеченија. Кремљ почна да убива веднаш по „Зимата на протести“ во 2011-2012 година, кога сфати дека нема начин за компромис со опозицијата – дури и со добронамерните и нерадикалните. Затоа што тие претставуваат  фатална опасност за режимот.

Војната против Украина е главната последица од претворањето на Русија во структура на КГБ од доцниот советски период. И мораме да признаеме – ова е најуспешната специјална операција на Кремљ досега. Можете да пишувате колку сакате дека оваа војна е на Путин, а не на народот. Тоа некако е точно бидејќи нема редици пред воените пунктови. Но, може да се каже и спротивното. Русите сносат целосна одговорност за она што нивната армија го прави во Украина. И уште нешто – бројот и размерите на антивоените протести се незначителни за 140-милионска земја. Дури и со оглед на заканата од полицијата.

Рамнодушност заснована на цинизам

Претпоставувам дека на повеќето Руси не им е грижа што се случува. Тие не ја поддр

уваат толку многу  војната на Путин, колку што прават свесен избор да не го спречуваат режимот да прави што сака. Стравот игра улога, се разбира. Но, не треба да се лажете себеси – во основата на оваа позиција е цинизмот развиен во последните 20 – 25 години.

“Што ни е гајле? Сите политичари се исти! Се е до пари!” – овие едноставни пораки на пропагандата на Кремљ станаа принцип за мнозинството. Русија денес е земја во која граѓаните, во политичка смисла на зборот, се малцинство. Ниту филмовите за злите соработници на НКВД, ниту борбата против корупцијата, ниту независните медиуми, ниту непрестајните убиства на опозиционери нема да го разбудат општеството кое не сака да ја знае вистината. И да ја научи, нема да ја пушти да се доближи.

Без сомнение, генезата на ова општество е дело на Путин и неговиот народ. Но, дел од одговорноста е на „нашиот народ“. Руски интелектуалци, претприемачи, активисти – сите тие, и покрај нивните лични достигнувања, беа поразени од режимот. Дали овој пад ќе биде привремен?

Мислам дека е време да престанеме да ја оплакуваме нашата „беда и немаштија“. Згора на тоа, во споредба со она на што се подложени Украинците, судбината на руските емигранти и на оние што останаа во земјата, па дури и на политичките затвореници, е полесна. Ефикасната и максимална поддршка за Украина е единственото нешто што може да го направи емиграцијата за да има шанса за одредена почит и самопочит.Паралелно, можеби ќе се обидеме да му поставиме нов предизвик на Кремљ од странство.

Сепак, ова би имало смисла само ако се разделиме со нашите илузии за руското општество. За да се разбуди, потребен е нов јазик, нови теми, нова храброст и напори кои траат повеќе од една година. Создавањето нови образовни проекти сè уште изгледа како најперспективниот начин да се создаде „алтернативна Русија“.

Некои емигранти се обидуваат да заборават на Русија, и тоа е нормално. Оние кои останаа – не сите, но многумина – ќе се кријат и ќе чекаат подобри времиња. Овие времиња, ако воопшто дојдат, можат да создадат нови херои и да ги остават денешните власти во минатото. Но, најважно е да престанете да ги гледате старите фотографии. Копирајте ги на хард диск или ставете ги во некоја далечна фиока. (Кристијан Егерт)