Русија: Украинците ја нападнаа резиденцијата на Путин. Зеленски: Тие лажат, а ние знаеме зошто
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли обвинувањата на Москва дека Киев извршил напад врз државната резиденција на рускиот претседател Владимир Путин, нарекувајќи ги уште една лага од страна на Руската Федерација.
„Уште една лага од страна на Руската Федерација. Секако, вчера имавме средба со Трамп. И секако, за Русите тоа е неуспех ако нема скандал меѓу нас и Америка и ако постигнеме напредок, бидејќи тие не сакаат крај на оваа војна“, рече Зеленски како реакција на руските тврдења.
„Тие подготвуваат терен за нови напади“
Зеленски рече дека Русија сака да ја заврши војната исклучиво преку притисок и дека ги гледа сегашните обвинувања како дел од поширока стратегија. „Тие можат да ја завршат само со притисок врз себе. Сигурен сум дека бараа причина за ова. Искрено, веќе очекував таква реторика вчера. Гледате, тие сè уште продолжуваат“, рече тој.
Украинскиот претседател предупреди дека изјавите на Москва за наводниот напад врз резиденциите всушност служат како подготовка за нови напади. „Сега, со изјавата дека некои од нивните резиденции биле нападнати, тие едноставно се подготвуваат, сигурен сум, во принцип подготвуваат терен за напади, веројатно врз главниот град и веројатно врз зградите на државните институции“, рече Зеленски.
Предупредување за можен напад врз Киев
Зеленски потсети дека Украина веќе има искуство со такво сценарио. „Веќе го имавме ова во септември, кога беше извршен ракетен напад врз зградата на Владата на Украина. Затоа, сега сите мора да бидат на штрек, апсолутно сите“, рече тој.
Тој додаде дека постои реална можност за напад врз Киев. „Напад може да биде извршен врз главниот град. Особено затоа што ова лице, ако воопшто можете да го наречете така, рече дека ќе избере соодветни цели, што претставува закана“, рече Зеленски.
Повик до Трамп и европските лидери
Украинскиот претседател рече дека очекува посилно вклучување од американскиот претседател Доналд Трамп, неговата администрација и европските сојузници. „Мислам дека денес, во принцип, претседателот Трамп, неговиот тим и Европејците треба да се вмешаат и да ја завршат потребната работа со луѓето кои вчера велеа дека навистина сакаат да се стави крај на војната“, рече Зеленски.