Русија сакајќи да ги спречи, ги турка Финска и Шведска кон НАТО


Претседателот Владимир Путин за време на кризата околу Украина инсистираше на тоа дека НАТО треба да го запре своето приближување до руските граници. Но, неговото барање има несакани последици на далечниот север на Европа, оживувајќи ги разговорите за тоа дали Финска и Шведска треба да се приклучат на воената алијанса.

Додека вниманието на светот се фокусира на руските трупи кои се собираат на границата со Украина, лидерите од целиот политички спектар во двете нордиски земји истакнаа дека имаат опција – да аплицираат за членство во секое време.

“Дебатата е живописна и без преседан. Многу работи се случуваат. Многу зависи од она што се случува следно “, рече Хенри Ванханен,  советник за надворешна политика  на централнодесничарската национална коалициска партија.

Шведските и финските министри за надворешни работи се сретнаа со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во понеделникот, како последен од серијата дипломатски разговори кои го вклучија финскиот претседател Саули Нинисто во последниве денови.

„Вратата на НАТО останува отворена. Шведска и Финска се наши најблиски партнери “, рече Столтенберг по состанокот.

Пека Хаависто, министер за надворешни работи на Финска, рече: „Финска не е членка на НАТО, но одржувањето на националниот простор за маневрирање и слободата на избор се исто така составен дел на надворешната, безбедносната и одбранбената политика на Финска“.

Двете нордиски земји, кои се откажаа од својата традиционална неутралност поради нивното членство во ЕУ и нејзината заемна одбранбена клаузула, се зближија со НАТО во последниве години, дозволувајќи на неговите војници да ја преминат нивната територија во време на криза или за време на вежби. Русија се закани со остар одговор ако НАТО продолжи да се  проширува со вклучување на двете земји околу Балтичкото Море. Министерството за надворешни работи во Москва во декември рече дека ако Шведска и Финска се приклучат кон НАТО “ќе се соочат со сериозни воени и политички последици кои ќе бараат соодветен одговор од руската страна”.

Ана Вислендер, директор за Северна Европа во Атлантскиот совет на САД, рече дека  Русија со сопствените дејствувања ги турка Шведска и  Финска  да размислат за потегот што Москва не го сака.

“Ако се чувствуваме безбедни во Шведска, тогаш нема притисок за промена на нашата безбедносна политика. Постојат  други прашања што се поважни. Ви треба таа надворешна закана за да се смени таа, а тоа е контрапродуктивно за Русија “, додаде таа.

Ен Линде, шведската министерка за надворешни работи, рече дека е „длабоко загрижена“ за намерите на Русија кон Украина и нејзината „агресивна реторика“, истовремено нагласувајќи дека е важно да соработуваат НАТО и Финска.

Набљудувачите веруваат дека дебатата околу приклучувањето кон НАТО е подлабока во Финска, можеби поради фактот дека никогаш не дозволи намалување на војската, одржувајќи тешки одбранбени трошоци и голем број на резервисти, додека Шведска стави крај на регрутациите и значајно ги намали своите сили. Од  почетокот на 2010 година, кога командантот на одбраната на Шведска призна дека не може да се брани повеќе од една недела, а земјата не можеше да ги пресретне руските авиони над Стокхолм, Шведска ги  зголеми трошоците за својата воена одбрана и го обнови регрутирањето. Но, Стокхолм е политички поделен околу НАТО од Хелсинки. Владејачките социјалдемократи од левиот центар се цврсто против членството, додека централно-десничарската опозиција е обединета во желбата да се приклучи.

Во Финска, централно-левиот премиер Санна Марин минатата недела предизвика изненадување кога рече дека е “многу малку веројатно” дека земјата ќе аплицира за членство за време на нејзиниот мандат. Под тешки критики од опозицијата која тврди дека Финска треба да ги држи отворени своите опции, Марин рече дека нејзините коментари биле „лошо протолкувани“.

Сепак, многумина во Хелсинки ја повторуваат полушегата дека Финска е само „една сауна“ далеку од влезот во НАТО, што значи дека партиските лидери и претседателот би можеле брзо да одлучат – во сауна или не – да аплицираат за членство доколку околностите налагаат.

„Доколку Финска сериозно размислувала за членство во НАТО, веројатно нема ни да го знаеме во овој момент. Не е паметно да ги покажете вашите карти однапред“, рече Ванханен.

Тој додаде дека Финска ја користела својата опција за НАТО како „одвраќање“ во својата надворешна политика, одржувајќи ја својата стратегија со нејасни и суптилни јавни изјави. Финска неодамна ја подигна својата воена готовност, но не даде детали.

Шведска, од друга страна, испрати конвои воени возила по автопатиштата и со патнички фериботи до островот Готланд – често споредуван со носач на авиони во Балтичкото Море – како многу видлив одговор на руските бродови во близина.

„Порано мислев дека Шведска ќе мора да го преземе водството, бидејќи ние сме најголемата нордиска земја. Но, со оглед на тоа каква е динамиката сега, повеќе би се обложил дека работите во Хелсинки би можеле да почнат побрзо да се движат отколку во Стокхолм “, рече Висландер.

Дебатата не е чисто за тоа што би можело да значи членството во НАТО за Шведска и Финска, туку и за тоа што двете земји – со нивната клучна стратешка позиција во северна Европа – би можеле да и донесат на воената алијанса. Каја Калас, премиерот на Естонија, изјави за „Фајненшл Тајмс“ дека одлуката ќе биде само на Шведска и Финска. Но, таа додаде: „Ако тие решат да го сторат тоа, ние би биле силни поддржувачи за нив во НАТО“.

Калас истакна дека ќе додадат силни воени капацитети и ќе им помогнат на трите балтички држави „кои се како полуостров во однос на НАТО“. Таа додаде: „Тоа дефинитивно ќе ја зајакне безбедносната ситуација овде“. (Фајненшел Тајмс)