Русија отвори истрага против обвинителот од Хаг кој издаде потерница за Путин


 

Истражниот комитет на Русија отвори кривична постапка против обвинителот и судиите на Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, се наведува на телеграмскиот канал на одделот.

Станува збор за обвинителот на МКС, Карим Кан (тој побара налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и правобранителот за правата на децата, Марија Лвова-Белова), како и судиите Томоко Акане, Росарио Салваторе Аитала и Серхио Херардо Угалде Годинез, кои ги издадоа овие налози.

Истражниот комитет тврди дека прогонот на Путин и Лвова-Белова „е очигледно незаконски, бидејќи нема основа за кривично гонење“.

Руското одделение го сомничи Кан според написите за доведување на свесно невино лице на кривична одговорност, во комбинација со незаконско обвинение за извршување особено тешко кривично дело, како и подготовка за напад на претставник на странска држава која ужива меѓународна заштита со цел да ги усложни меѓународните односи.

На 17 март Меѓународниот кривичен суд во Хаг издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин. Тој е осомничен за илегална депортација на деца од окупираните територии на Украина во Русија. Сличен налог беше издаден и против рускиот детски правобранител Марија Лвова-Белова.

Кремљ одлуката на МКС ја нарече „безобразна“, притоа истакнувајќи дека Русија не ја признава јурисдикцијата на овој суд. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека налогот „не е важен“. Путин не ја коментираше одлуката на МКС.