Русија надмина 100.000 заразени дневно од ковид
Починаа 688 лица. Земјата се бори пред налетот на Омикрон

Русија за прв пат ја премина симболичната граница од 100.000 новозаразени со ковид-19 дневно, рекорд што ја покажува силата на новиот бран предизвикан од високо заразниот вид на вирусот Омикрон.
Според Владата, во последните 24 часа се регистрирани 113.122 нови случаи на инфекција и 688 починати. Главниот град Москва сè уште е главниот фокус на епидемијата во Русија со 26.488 новозаразени и уште 76 мртви во претходниот ден.
Ова е рекорден број новозаразени деветти ден по ред во Русија, која е земја најтешко погодена од корона вирусот во Европа.
Пандемијата сериозно ја влоши демографската криза низ која поминува Русија во последните 30 години, која загуби повеќе од еден милион жители во 2020 година.
Властите регистрирале 330.111 смртни случаи од ковид-19 од почетокот на пандемијата, додека статистичката агенција Росстат, која има поширока дефиниција, има 660.000 смртни случаи, речиси двојно повеќе од официјалниот биланс.
Билансот се објаснува со слабиот одговор на вакцинацијата, како и недостигот на мерки за затворање од пролетта 2020 година и општото непочитување на здравствените мерки како носење маски во јавниот превоз.
Иако Русија има на располагање повеќе антивирусни вакцини, вклучувајќи го и „Спутник V“, помалку од половина од 145 милиони Руси досега се целосно вакцинирани, според специјализираната веб-страница „Гогов“.
По строгата блокада во пролетта 2020 година, руските власти одбија повторно да воведат такви ограничувања и покрај новите бранови на инфекција, со цел да ги ограничат економските загуби. (Бета)