Русија купува мигранти на границата со Финска и ги праќа во војна во Украина


Русија се обидува да регрутира странски мигранти што ги фатила на границата со Финска, пишува Би-би-си и додава дека видела докази за неколку случаи во кои странски државјани за краток временски период биле префрлени во воен камп на границата со Украина. Русија ги принудуваше луѓето во притворните центри да потпишуваат договори за воена служба во Украина, но бројот на такви случаи почна да се зголемува со доаѓањето на странски мигранти на руско-финската граница, долга 1.340 километри.

Финска привремено ги затвори сите осум гранични премини со Русија, обвинувајќи ја Москва за префрлање мигранти и баратели на азил таму како дел од кампањата за дестабилизација, откако Финска се приклучи на НАТО на почетокот од оваа година.

Им ветија добра плата, медицинска нега…
Набргу по неговото апсење, претставници на руската војска му пришле на Авад (не неговото вистинско име, но Би-би-си го потврди неговиот идентитет) и на најмалку десетина други затвореници во центарот за пред-депортација во Петрозаводск, главниот град на Карелија, и им понудиле „државно работно место“. Им беше ветена добра плата, медицинска нега и дозвола да останат во Русија по завршувањето на едногодишниот воен договор.

Уапсен Ирачанец во близина на границата со Финска им кажал на активистите за човекови права дека руската војска, под закана од депортација, вршела притисок да потпише воен договор. Тој рече дека неговиот живот е во голема опасност доколку се врати во Ирак. Не е познато дали тој на крајот го потпишал договорот.

„Откако потпишавме, не ни дадоа договор“
Авад пристигна во Русија во средината на јули, а потоа отиде во соседна Белорусија и со месеци се обидуваше да влезе во Полска. Подоцна, во групи популарни меѓу барателите на азил, тој видел вести дека границата на Русија со Финска станала подостапна.

Потоа, на 14 ноември, тој најмил такси и со друг сомалиски мигрант се упатил до град во Карелија, кој е оддалечен 30 километри од финската граница, но полицијата го запрела таксито, им ги проверила документите и на крајот ги привела.

Кога претставниците на армијата им пришле во притворот, тие им покажале документи на руски јазик, кои никој од групата не ги разбрал. Авад и другите претпоставуваа дека тоа е работа во армијата на територијата на Русија.

„Откако потпишавме, не ни дадоа договор. Прашавме за каква работа се работи, а тие рекоа – едноставно и добро“, рече Авад. Плашејќи се од депортација во Сомалија, каде што милитантите на Ал Шабаб му се закануваа неколку пати, тој го потпиша договорот заедно со уште пет Сомалијци, пет мажи од арапските земји и еден кубански државјанин. Ги качиле во автобус и ги однеле на југ.

„Сè што ни кажаа беше лага“
Тие беа слетани на границата со Украина, во каллив воен камп составен од големи шатори. Тогаш неговата група сфатила дека ќе завршат на бојното поле. „Ни рекоа дека се работи за обука, дека ќе имаме добра плата и грижа. Не ја спомнаа украинската граница и војната. Се што ни кажаа е лага“, рече Авад.

Кога сфатиле дека ги праќаат во војна, побарале поништување на договорот. Авад вели дека службениците во логорот им се заканувале со долги затворски казни за кршење на воениот закон, но подоцна го смениле наративот, велејќи дека ќе го откажат договорот и ќе започнат постапка за депортација.

Засега се уште се во воениот камп. Авад чека видео конференција со судот, но не знае кога точно ќе се одржи рочиштето. Тој е убеден дека руската армија го регрутирала во војска, но неговата единствена одбрана е што не ја разбрал целосно понудата. „Реков дека не сакам да служам војска затоа што не знам што сум потпишал и дека договорот не е преведен на мојот јазик. Јас сум барател на азил, а не војник“, рече тој.

Анализата на судските сослушувања во Карелија, еден од трите руски региони кои се граничат со Финска, покажа дека во изминатите три недели биле уапсени 236 лица кои престојувале во Русија без валидни визи и се соочувале со депортација. Слична е ситуацијата и во другите два погранични региони Ленинград и Мурманск.