Русија ќе го гаси интернетот


Русија – Руските власти обезбедија правни можности за гасење на интернетот во земјата, откако, со потпис од претседателот Владимир Путин, контроверзниот закон стапи во сила.

Руската влада планира да создаде инфраструктура за „суверен“ интернет, што го претстави како неопходност за одбрана против надворешни кибер-напади.

Руските медиуми уште завчера јавија дека владата се подготвува повторно да ја тестира сопствената верзија на интернет, изолирана од други мрежи и нации, чие тестирање е предвидено да започне месецов.

Русија сака да се заштити од кибер-напади, поради што нејзините експерти создале систем за заштита на сопствените компјутерски системи, што им овозможува на Русите да работат преку интернет и без пристап до Светската мрежа WWW (World Wide Web).Според критичарите, пак, ова е само еден од начините на кои Русија сака да ги изолира своите граѓани од светот и неговите влијанија.

Русија и претходно најавуваше дека планира да тестира свој Интернет. Според порталот „Д-Рушиа“, тестирањето на изолираноста на мрежата ќе почне после 1 ноември и ќе се повторува најмалку еднаш годишно.

Се верува дека руската влада зависноста на ИТ-секторот од Западот ја смета за своја слабост, која другите нации можат да ја искористат против Русија.

Изолацијата на руската Интернет инфраструктура, која честопати се нарекува „Ру-нет“, е проследена и со законодавство кое ги ограничува руските граѓани да пристапуваат до одредени веб-страници.