Русија ја засили морнарицата со нова атомска подморница опремена со ракети „Циркон“
Северодвинск – Рускиот претседател Владимир Путин официјално ја воведе во составот на Воената морнарица атомската подморница „Перм“, на церемонија на подигнување на поморското знаме во северниот руски град Северодвинск, пренесува ДПА.
Церемонијата на подигнување на поморското знаме на бродовите го означува нивното официјално вклучување во составот на руската Воена морнарица.
Се очекува „Перм“ да биде првата подморница чие стандардно вооружување ќе вклучува хиперсонични ракети „Циркон“. Таа ќе биде распоредена во составот на Пацифичката флота и ќе придонесува за одбраната на рускиот Далечен Исток и арктичките територии на земјата.
– Денеска го подигнуваме руското поморско знаме – славното Андреевско знаме – на повеќенаменскиот атомски подводен крстосувач и го примаме овој нов воен брод во составот на Воената морнарица. Ви честитам за овој голем и важен настан на сите што учествуваа во создавањето, опремувањето и тестирањето на оваа атомска ракетна подморница. ‘Перм’ е веќе петтиот подводен крстосувач од проектот ‘Јасен-М’ предаден на флотата во последните шест години, изјави Путин.
Рускиот претседател истакна дека Русија е една од ретките држави во светот способни да градат толку моќни атомски подморници – оружје со глобален дострел и стратешко значење.
Тој најави дека до 2030 година Воената морнарица ќе добие уште пет ракетни подморници.
Путин оцени дека руската Воена морнарица има исклучително важна улога во гарантирањето на суверенитетот и безбедноста на земјата. Флотата, според него, треба да биде подготвена да ги одбива заканите од противникот и да располага со моќен ударен потенцијал.
Тој посочи дека тактиката на поморското војување се менува, поради што е важно да се усовршува вооружувањето на подморниците. Русија ќе продолжи да го зголемува нивниот борбен потенцијал и да ги зајакнува своите позиции во светските океани, додаде Путин.
Првиот вицепремиер на Русија, Денис Мантуров, истакна дека „Перм“ е „100 отсто руско производство – од најмалиот шраф до последниот дел“.
Бродоградилиштето „Севмаш“, задолжено за изградбата на подморниците, се наоѓа на брегот на Белото Море, во близина на Архангелск, на околу 1.000 километри северно од Москва.
Русија за првпат ги употреби хиперсоничните ракети „Циркон“ во војната против Украина, која трае речиси пет години. Во текот на конфликтот Русија загуби неколку воени бродови, а нејзината флота беше принудена да се повлече од западниот дел на Црното Море, потсетува ДПА.с