Русија и тероризмот се најдиректните закани, изјави Шекеринска на предавањето во Софија

Заменик-генералниот секретар на НАТО го поздравуви фактот што Бугарија се обврза и го исполни ветувањето да издвојува 2 отсто од БДП за одбраната, дадено пред години


Радмила Шекеринска за време на обраќањето на Атлантскиот форум во Софија

 

Русија останува најдиректна и долгорочна закана за нашата безбедност, заедно со тероризмот. Ова го изјави заменик-генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, која е во посета на Бугарија, за време на предавањето во Централниот воен клуб во Софија. Неа ја претстави претседателот на Атлантскиот клуб во Бугарија, Соломон Паси. На настанот присуствуваа амбасадорот на Украина, Олесја Илашчук, политичари и јавни личности.

Според неа, целта на земјите-членки на НАТО е да спречат, да се подготват и да се заштитат од оваа закана.

Шекеринска потсети на рускиот напад во Украина пред неколку дена врз цивили и цивилна инфраструктура со 800 беспилотни летала и рече дека ова е индикација дека Путин не е заинтересиран за мир.

Таа потсети на приоритетите на НАТО дискутирани на самитот во Хаг – да ја зајакнеме нашата одбрана преку понатамошни инвестиции во одбраната и производството, како и поддршка за Украина.

Според Шекеринска, Алијансата е фокусирана на обезбедување на Украина со она што ѝ е потребно за да се одбрани и да одврати агресија во иднина. Сојузниците на НАТО обезбедуваат 99 отсто од целата воена поддршка на Украина.

Таа ги истакна напорите на американскиот претседател Доналд Трамп за прекин на војната во Украина. Средбата минатиот месец во Белата куќа меѓу претседателот Трамп, претседателот Зеленски, генералниот секретар на НАТО и голем број европски лидери беше силна демонстрација на нашето единство, но и на нашата решителност, додаде Шекеринска. Таа, исто така, ѝ се заблагодари на Бугарија за нејзината силна поддршка за Украина, а на сојузниците – да продолжат со оваа поддршка, особено во обезбедувањето клучна воена опрема – системи за воздушна одбрана, оклопни возила, ракети, лесно оружје, муниција.

Дури и кога оружјето конечно ќе замолкне во Украина, долгорочната закана од Русија ќе продолжи, рече Шекеринска, цитирана од БТА. Таа ја истакна работата на Русија и Кина во областа на производството на оружје, како и нејзините контакти со Иран, Северна Кореја и Белорусија.

„Без оглед на тоа како ќе заврши оваа војна, Русија ќе остане дестабилизирачка сила во Европа и светот. Затоа сите треба да ги зголемиме нашите инвестиции, да трошиме повеќе за одбрана и безбедност. Го поздравувам фактот што Бугарија се обврза и го исполни ветувањето од 2% од БДП, дадено пред години. Драго ми е што практично сите сојузници го направија тоа оваа година, но особено го ценам тоа што Бугарија се обврза да достигне вкупно 5% од БДП до 2035 година. Ова не се трошоци заради трошоци – ова се инвестиции за нашата безбедност“, рече Радмила Шекеринска.

Во врска со зајакнувањето на одбранбената индустрија, таа истакна дека декларациите сами по себе не ги одвраќаат противниците, туку се потребни вистински капацитети – огнена моќ, опрема и технологии. Шекеринска додаде дека до крајот на 2025 година, земјите од ЕУ веројатно ќе произведуваат 2 милиони гранати годишно, што е шест пати повеќе отколку на почетокот на војната во Украина. Таа истакна дека сè уште има долг пат во однос на производството на одбранбени системи како што се тенкови, ракети и системи за воздушна одбрана. Заменик-генералниот секретар на НАТО истакна дека бугарската одбранбена индустрија се развива брзо, со бројни производители на муниција и лесно оружје.

Предизвиците со кои се соочуваме се големи, но единството и решителноста на НАТО се поголеми од кога било, рече и Радмила Шекеринска.

На крајот од настанот, Соломон Паси ѝ подари на Шекеринска посебен подарок, нов дизајн за плоча со познатиот автомобил што моментално се наоѓа во седиштето на НАТО – нашиот „трабант“, објасни тој.

Претседателот Румен радев на средбата рече дека завршувањето на Европскиот транспортен коридор број 8 е од клучно значење за безбедноста на НАТО и регионот. Тој ќе ги поврзе Јадранското и Црното Море.

Радев ја истакна улогата на Мултинационалната борбена група со рамковната земја Италија на полигонот „Ново Село“ и ја нагласи важноста на проектите за модернизација на бугарската армија.

Шекеринска и Радев разговараа и за зголемувањето на уделот од БДП наменет за одбрана, војната во Украина, ризиците и иницијативите за „барање мирно решение преку дипломатија“, соопшти прес-службата на шефот на државата.