Русија ги прекинува испораките на гас за Данска и „Шел“


 

Енергетскиот гигант „Гаспром“ објави дека го прекинува снабдувањето со водечката данска енергетска компанија „Орстед“, како и германската „Шел енерџи Јуроп“.

Причината е што тие не извршиле плаќања во рубљи, како што е неопходно за „непријателските“ земји кои ја санкционираа Русија за војната во Украина. Бугарија и Полска беа првите земји чиешто одбивање да платат во рубљи доведе до прекин на гасот пред еден месец. Следеше Финска, а претходно денеска и Холандија.

Тоа не значи запирање на гасот во Германија. „Унипер“, водечки германски увозник на руски гас, објави дека извршил плаќање според новата шема. РВЕ го направи истото.

Правилата, за кои експертите велат дека се намерно нејасни, бараат отворање сметка во рубљи. Компанијата плаќа во евра според новиот механизам на начин на кој таа (и властите во Берлин) велат дека не го нарушува режимот на санкции. Француските и италијанските компании веќе предупредија дека ќе го сторат истото.

Испораките за Данска ќе запрат утре, а „Орстед“ верува дека ќе компензира со европскиот пазар.

Претходно, холандската компанија „ГасТера“, која купува и продава гас во име на владата на земјата, објави дека склучила договор од 2 милијарди кубни метри со друг снабдувач за покривање на количествата што требаше да ги добие од „Гаспром“ до октомври. Холандските власти не гледаат ризик за енергетската безбедност.