Русија бара од „ЈуТјуб“ да спречи споделување информации за протести


Русија – Руската агенција за надзор на медиуми побара од „Гугл“ да преземе акција за да ја спречи нејзината страница „ЈуТјуб“ да им овозможува на корисниците да испраќаат информации за неовластени протести во Русија.

Тој потег на Роскомнадзор следува по неколку демонстрации во Москва поради одбивањето на номинации на некои опозициски и независни политичари за изборите за московското собрание на 8 септември.

Роскомнадзор се пожалил кај „Гугл“ за нејасни „структури“ кои наводно користат канали на ЈуТјуб за да испратат известувања за неодобрени протести, „вклучително и митинзи насочени за спречување на изборите“.

Ако Гугл не го реши проблемот, тоа ќе се смета за мешање во внатрешните работи на Русија и Москва ќе има право на контрамерки, соопшти руската агенција.

Повеќе од двесте лица беа уапсени во протестот во саботата, откако некои демонстранти се преместија во центарот на градот.

Во протестите одржани во текот на изминатите два викенда беа уапсени помеѓу 1.000 и 1.400 демонстранти.