Руне го освои турнирот во Барселона


Барселона – Данецот Холгер Руне за првпат во кариерата ја освои титулата на турнирот во Барселона, победувајќи го во финалето домашниот ас Карлос Алкараз со 2:0 во сетови (7-6(6) 6-2).

Втора година по ред титулата во Барселона нема да им припадне на шпанските тенисери кои доминираат на овој турнир од почетокот на 21 век (Надал 12 титули, Алкараз 2, Вердаско, Робредо, Моја…)

Првпат во историјата на овој турнир шампион е тенисер од Данска. За Руне ова е прва АТП 500 титула, вкупно петта во кариерата.

Данецот со овој успех обезбеди враќање во Топ 10 на АТП-листата и се изедначи со Алкараз на 2:2 во вкупните меѓусебни дуели.

Финалето во Барселона траеше еден час и 42 минути.