Рудина Хајдари: Постои таен политички договор Рама – Баша
Координаторката на новата пратеничка група на Демократската партија (ПД) во Собранието на Албанија, Рудина Хајдари денеска обвини дека постои таен договор меѓу албанскиот премиер Еди Рама и лидерот на опозициските демократи Љуљзим Баша.
Хајдари и демократскиот пратеник Ралф Ѓони, кои не се откажа од пратеничките мандати, од собраниската говорница побараа објаснување од владејачкото мнозинство за ваквите нивни сомнежи, при тоа обвинувајќи дека и Рама и Баша „не мислат на граѓаните, туку само за нивните пазарења“ .
– Во Тирана се одигрува еден грд театар. Рама и Баша се договориле, но не за Албанија и Албанците, туку за нивен личен интерес, обвини Хајдари, која е ќерка на еден од основачите на ПД, Азем Хајдари, кој беше убиен пред партиското седиште во септември 1998 годна.
Ѓони, пак, директно му се обрати на координаторот на пратеничката група на владејачката Социјалистичка партија (ПС), Таулант Бала.
– Господин Бала постои ли политички договор? Тоа треба да го објасните овде во Парламентот. Јавно се зборува дела Рама и Баша подготвиле политички договор. Политичките договори веќе станаа статистички елелемент. Тоа се случи во 2008, во 2017 година, а можно е и сега. Што ни донесоа тие договори во сите овие години? Ништо добро, ништо, рече Ѓони.
Бала ја смируваше опозицијата дека локалните избори на 30 јуни ќе се одржат и оти нема никаков договор меѓу Рама и Баша.
– Изборите ќе се одржат на 30 јуни и тоа ни топ не го бие. Ова е неспорен факт за кој никој не може да дискутира и да преговара. Избори ќе има и Ве уверувам дека не се презема никаква активност на сметка на Уставот, затоа што Уставот на Албанија не е ластик кој може да се тегне или не. Ние никогаш нема да му дадеме можност на Љуљзим Баша и неговата банда на хулигани да ја држат земјата во заложништво и да го извалкаат Уставот на Албанија. Нашата битка е за демократија и за европска иднина на Албанија, изјави Бала.
Тој изрази убеденост дека „на 29 мај во 12:30 часот сите Албанци ќе добијат добра вест од Европската комисија“ за препорака за почеток на преговорите за членство на земјата во ЕУ.
Во исто време, Бала обвини дека закажаниот протест на обединетата албанска опозиција на 25 мај е „последен обид на хулиганите да го спречат тоа“.
– Изборите на 30 јуни ќе бидат ново утро за цела Албанија и за среќа ќе ја спасат и ПД од заложништвото во која ја држи Љуљзим Баша. Што се однесува до заложништвото во ЛСИ (Социјалистичкото движење за интеграција), тоа е наследство во семејството, истакна Бала, алудирајќи на албанскиот претседател Илир Мета, кој е поранешен лидер на ЛСИ и сопруг на актуелната претседателка на партијата Моника Круемади.
Според него, опозицијата го избрала патот на протести поради „стравот од реформа во правосудството“.
Засега нема ниту потврда, ниту демант од Рама и од Баша на обвинувањата на Хајдари, но во јавноста се погласно се зборува дека сепак постои некаков договор.