Рубио регрутира „патриоти“ за дипломатијата, Македонија меѓу земјите без амбасадор
Стејт департментот на САД најавува реформи во американската надворешна служба упатувајќи апел до „патриотите“ да се јават и да ги пополнат нместата што ги испразни државниот секретар Марко Рубио. Реформата треба, наводно, да ја подготви американската дипломатија за 21 век и за новата надворешна политика чиј слоган и основа ќе биде фразата „Америка пред се“.
Според соопштението што го објави вчера Стејт департментот целта е новите дипломати ефикасно да се залагаат за американските национални интереси низ целиот свет. Повикот предизвика масовен потсмев на социјалните мрежи, а главната порака беше – што не ги вратите тие дипломати што им дадовте отказ? Имено, според внатѕрешен документ што го објавија медиумите во САД, 1.107 државни службеници и 246 службеници во странство добиле отказ само зо известување дека се ставени на непосреден „административен одмор“ и дека ќе бидат отпуштени за 60 дена ако се државни службеници или 120 дена ако се службеници во странство.
Според повикот сега, кандидатите што ќе се јават за работа во американската дипломатија за да ги заменат, ќе мора да поминат низ друг тип селекција и обука. Тие ќе бидат тестирани за познавање на американската историја, концептите за надворешна политика и од логичко расудување, а фокусот на обуката ќе биде на јавно говорење и преговори, како и предавања за основни теми како што се економска стратегија, комерцијална дипломатија и дипломатска историја.
„Стејт департментот ги поканува патриотските Американци да аплицираат за да се приклучат на надворешната служба. Регистрацијата за тестирање е отворена. Тестовите ќе се одржат од 15 до 22 мај“, стои во соопштението на Стејт департментот.
„Администрацијата на Трамп ја модернизира надворешната служба за да ги подготви американските дипломати да се залагаат за нашите национални интереси на динамично менувачката светска сцена“, изјави заменик-портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот.
„Во оваа обновена програма, службениците во надворешната служба ќе бидат обучени за клучни вештини како што се јавно говорење и преговори и ќе се занимаваат со теорија на меѓународни односи на теми кои се движат од комерцијална дипломатија до голема стратегија. Стејт департментот ги охрабрува многуте патриотски Американци од целата земја кои сакаат да и служат на својата земја да аплицираат за да се приклучат“, рече тој.
„Биди лицето на Америка. На Америка ѝ требаш“ е слоганот на реформата, на што реакциите беа во стилот – кој би сакал сега да биде лице на оваа дипломатрија кога „Америка прва“ се претвори во „Америка сама“.
Програмата за воведување вклучува и задолжителни и препорачани лектири за американската историја и меѓународните односи, вклучувајќи говори и дела од Џорџ Вашингтон, Џон Квинси Адамс и Џејмс Монро, избори од Федералистичките трудови и дела од Џорџ Кенан, Анџело Кодевила и Семјуел Хантингтон.
Дипломатските порази изминатите недели, кога сите сојузници му свртеа грб на Вашингтон околу војната во Иран запалија аларм кај администрацијата на Трамп, која деновиве ги повика дипломатите да бидат поактивни во пласирање на „американската приказна во светот“ и да се борат поагресивно против дезинформациите на сметка на имиџот на САД.
Инаку, од почетокот на 2026 година, приближно 80 амбасадорски места на САД се празни без претставници потврдени од Сенатот, оставајќи го особено Балканот во состојба на дипломатска неизвесност. САД во моментов немаат амбасадори во целиот наш регион, плус во Бугарија. Имено, амбасадорите на САД се повлечени од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и од Македонија, а не се назначени нови ниту пак има најави дека ќе бидат назначени, што ја зајакнува перцепцијата дека регионот е многу ниско на списокот на приоритети на Вашингтон. Тоа и распуштањето на USAID – главно средство за американската мека моќ во регионот – го истакнува преминот кон помалку институционална и повеќе политички контролирана рамка.
„Дипломатијата станува сè повеќе трансакциска. Врските со други нации сега почиваат на опипливи размени, како што се инвестиции, инфраструктурни проекти, деловни можности и геоекономски предности, наместо споделени вредности или трајни стратешки партнерства. За Балканот – регион со ограничено економско влијание или витални стратешки ресурси – овој модел претставува фундаментална тешкотија: какви значајни понуди можат овие земји да дадат на суперсила фокусирана на исходи од односот цена-придобивка?“, напиша неодамна порталот ИБНА.
Многу балкански влади првично го поздравија враќањето на Трамп со оптимизам, гледајќи го неговиот директен стил, избегнувањето на моралните предуслови и фокусирањето на односите меѓу личните лидери како патишта за попрагматична дипломатија. Но, оваа персонализирана надворешна политика, според оценките на ИБНА, воведува значителни ризици: ја зголемува зависноста од склоностите на еден донесувач на одлуки и ја еродира интеграцијата во сигурни институционални структури.
„Основното прашање со кое се соочува Балканот сега не е дали САД целосно го напуштаат регионот, туку дали нивната улога се менува квалитативно – од столб на стратешка стабилност во повремен, прагматичен партнер. Отсуството на амбасадори не го брише влијанието на САД, туку го сведува на низок приоритет“, стои во анализата.

Како пак изгледа новиот „патриотски“ профил на дипломатите што ги преферира Трамп се виде од именувањето на Кимберли Гилфорд, поранешната партнерка на Трамп јуниор за амбасадор во Грција.