Рубин: Има луѓе кои не сакаат Македонија да оди напред кон ЕУ

Jасно е дека главен извор на закана во овој дел од светот се дезинформациите генерирани од Русија, порача денеска од Скопје специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент, Џејмс Рубин.
Во изјава за македонските медиуми, тој оцени дека просторот е сериозно „затруен“, пред сè, од руски дезинформации.
„Претседателот Путин мислеше дека може да ја освои Украина и да ја подели Европа, но не успеа. Но, тоа не значи дека Русија не продолжува да го шири ’отровот‘ на дезинформација и поделби“, рече Рубин.
Зборувајќи за Русија, тој рече оти е сигурен дека во Кремљ има луѓе кои не сакаат Северна Македонија да напредува на патот кон ЕУ.
„Сигурен сум дека има луѓе во регионот и во Кремљ кои не сакаат напредок во процесот што ќе и овозможи на Северна Македонија да оди напред кон ЕУ. Сигурен сум дека седат некаде и размислуваат што да преземат за да направат проблем и сè што можам да кажам дека овдешната влада ќе соработува со нас за да се создаде поширок општествен пристап кон справувањето со дезинформациите, како институции, закони, стандарди“, рече специјалниот претставник и координатор на Центарот за глобален ангажман на американскиот Стејт департмент на брифинг со новинарите.
Нагласи дека пред земјава сега претстои одлука за уставните измени, откако во минатото беше принудена да донесе многу тешки одлуки, дури и да го промени името за да стане членка на НАТО, посочувајќи дека се надева оти Владата ќе го има потребното политичко лидерство за да ги преземе неопходните чекори за да ја однесе земјата во ЕУ.
Според него, легитимно е некој да изнесува свое мислење и да не се согласува со таквите одлуки, но доколку се шират дезинформации и пропаганда, тогаш ќе биде многу тешко да се води нормална политички дебата за прашања како што е промената на Уставот.
Рубин најави оти наскоро ќе ја посети Бугарија, во која иако е земја членка на НАТО и сојузник на САД, има, како што рече, „многу загадувачи“ кои шират разни приказни, манипулации, па некогаш дури и лаги.
Тој посочи дека Западен Балкан е место каде што проблемот со дезинформации е реален и токму затоа едно од неговите први патувања од стапувањето на должност специјален пратеник и координатор на ГЕЦ од пред три месеци е токму посета на регионот.
Рубин ја посочи Русија како главен извор на тие дезинформации, кои потоа преку центар во Србија се шират и промовираат низ регионот, вклучително и во земјава.
– Тоа е предизвик кој тешко се препознава, но постојат надежни знаци. Тоа е дека оваа Влада ги препознава како закана и сака да работи со нас за нивна идентификација и за создавање на институционални капацитети за справување со овој проблем, порача Рубин.
Според него, Западен Балкан помина процес на трансформација од конфликти, војни и сиромаштија во период на нормализација на односите меѓу земјите од регионот и за понатамошен напредок од клучно значење би било и нормализација на односите меѓу Приштина и Белград.
– Тоа бара тешки одлуки од политичките лидери. Тие направија некои тешки одлуки, но ќе мора да донесат и други тешки одлуки. Лидерството се мери според резултатите и јас би сугерирал да ги донесат тие тешки одлуки, со цел луѓето да имаат полза од тоа што ќе бидат дел од Европа и целосно интегрирани во европските институции, НАТО, ЕУ, Советот на Европа, рече Рубин.
Тој нагласи дека ќе треба да мине долго време за да можат луѓето во регионот да простат и да заборават, но ќе треба да научат да живеат заедно и да ги почувствуваат придобивките на модерна Европа, за што ќе треба да се донесат тешки одлуки за нормализација, но и за справување со затруеноста што доаѓа со ширењето на дезинформации што ги трујат нормалните држави.
Целта на Русија, како што оцени, е да предизвикува поделби меѓу државите и народите со ширење на лаги и пропаганда и претставување на работите „црно-бели“ за да не можат луѓето да го видат јасно агресорот и жртвата при руската агресија на Украина, потенцирајќи дека тоа не е војна на рускиот народ, туку на претседателот на Русија, Владимир Путин.
– Одговорните влади не дозволуваат нивните земји да бидат ширачи на отров. Труењето со информации е загадување и тоа мора да се исчисти, порача Рубин.
Според него, ширењето на дезинформации во информацискиот простор не може целосно да се спречи, но мора да се најдат институционални начини за нивно ограничување.
– Морам да кажам дека проблемот со дезинформациите е голем проблем, бидејќи Русија и Кина се долго ангажирани и трошат многу средства во информациската сфера. Немам илузии дека ова е лесно решлив проблем. Тоа е главен предизвик, реална закана, изјави Рубин.