(Видео) РТС: Се слушаат детонации во Косово, многу повредени од двете страни
Како што јави дописникот на РТС, има многу повредени од двете страни, се слушаат истрели и детонации. Повредените се сместени во Здравствениот дом во Звечан, а оние со посериозни повреди се пренесени во болницата во Косовска Митровица.
Хеликоптер на КФОР ја надлетува областа. Во Лепосавиќ и Зубин Поток немаше тензии, а граѓаните се разотидоа и најавија нов собир за утре.

Косовската полиција денеска се обиде да ги растера Србите кои протестираат со солзавец за да ги спречи градоначалниците Албанци, избрани на неодамнешните спорни избори, да преземат должност во градовите со мнозинско српско население во северно Косово.
Градоначалниците беа избрани на локалните избори што косовските власти ги одржаа на 23 април во четири општини со мнозинско српско население, кои масовно ги бојкотираа изборите – учествуваа само околу 1.500 гласачи од околу 45.000 пријавени.

Демонстрантите бараат и повлекување на специјалните полициски сили распоредени во областа пред неколку дена. Ситуацијата ескалирала во Звечан кога специјалци спречиле група демонстранти да влезат во просториите на градската управа. Беа фрлени шок бомби и солзавец, а демонстрантите одговорија со камења и шишиња. Има повредени.
Влезот во зградата на општина Звечан го обезбедуваат војници на КФОР
Влезот во зградата на општина Звечан сега е обезбеден со војници на КФОР, јави дописникот на РТС. Како што вели, во Звечан се уште има насобрани граѓани.
Брнабиќ: ОН денес не ги штитат луѓето
Премиерката на Србија ги критикува силите на ОН и КФОР за последната ескалација.
„Нивниот мандат според резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН е да го заштитат мирот и стабилноста и пред се да ги заштитат луѓето. Тие не ги штитат луѓето денес. Тие не ја штитат демократијата, тие не ги штитат институциите. Тие се таму денес за да ги заштитат узурпаторите од демократијата и на обичните луѓе, обичните граѓани“, рече Ана Брнабиќ.