Михаел Рот: Ова не е време за меѓусебни уцени, уставните измени се неопходни

„Сите земји кои сакаат да влезат во ЕУ мора да се борат против корупцијата. Но, сега зборуваме за промена на Уставот“, вели германскиот политичар за Кривичниот законик


Михаел Рот пред почетокот на конференцијата во Скопје

 

Уставните измени се можеби болни, но се неопходни и затоа сакам да ги охрабрам моите колеги овде во парламентот, во Владата, да го сторат најдоброто за да ја вратат земјата на европскиот пат, порача денеска во Скопје претседавачот на Комитетот за надворешна политика на Бундестагот и поранешен државен министер на Германија за Европа, Михаел Рот.

„Ни треба повеќе амбициозност околу пристапните преговори. Северна Македонија игра многу важна улога како мултиетничка, мултирелигиозна и мултикултурна земја. Би сакал да ги мотивирам моите колеги тука дека вреди да се ангажираат повеќе во борбата против корупцијата, независното судство, зајакнување на владеењето на правото и демократската култура во земјата. Неопходните реформи не се обврска само на Владата туку и на парламентарците“, изјави Рот пред денешната конференцијата „Унапредување на Берлинскиот процес преку парламентарна дипломатија“, што се одржува во Собранието.

Проблемите, вели Рот, не треба да се решаваат со заземање територии и етничко чистење, туку со соработка, пријателство помирување меѓу различни етникуми.

„Ценам што толку многу луѓе во земјава веруваат дека иднината на земјата е во обединета Европа. Но, за жал, војната се врати во Европа со руската агресија врз Украина. Тоа не е закана само за луѓето во Источна Европа туку за сите нас. Праќаме многу едноставна порака – да, ние сме окупирани со војната, но тоа не значи дека ја забораваме важната улога што земјите од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија ја играат за иднината на Европа“, истакна Михаел Рот.

Запрашан што мисли за измените на Кривичниот законик и нивното брзо носење, Рот вели дека сега не е време за меѓусебно уценување туку да се фокусираме на уставните измени.

„Ова не е време да се уценувате меѓу себе. Мислам дека се јасни очекувањата од ЕУ, бидејќи најпрво сме унија на заеднички вредности, многу повеќе сме од само единствен пазар. Сите земји кои сакаат да ѝ се придружат на ЕУ мора да ја продолжат борбата против корупцијата. Не би одел во детали, слушнав гласини за амнестија, но мислам дека овдешните политичари ќе мора да одлучат за тоа. Но, сега зборуваме за промена на Уставот, со внесување на бугарското малцинство и други прашања кои се резултат на многу долги, напнати и контроверзни преговори со ЕУ, посебно со Бугарија. И мојата главна порака е – ако можеме, да ги забрзаме преговорите со ЕУ и Македонија, затоа што Македонците заслужуваат членство во ЕУ колку што е можно побрзо. Потребна е амбиција и од двете страни, и од ЕУ и од Македонија“, рече Рот.

Германскиот парламентарец дојде во Скопје како дел од меѓународните дипломатски напори за отворање на европскиот пат на Северна Македонија и спроведување на уставните измени како услов за напредок кон ЕУ. Во исто време во Скопје е и специјалниот пратеник на Германија за Западен балкан, Мануел Сарацин. (С.Ј.)