Рот излезе со шест предлози за побрзо членство во ЕУ

Претседавачот на Комитетот за надворешна политика на Бундестагот и поранешен државен министер на Германија за Европа, Михаел Рот, денес во Собранието излезе со предлози како Македонија и другите земји кандидати побрзо да добијат членство во ЕУ.
Од нив еден најмногу ја засега Македонија, а предлогот на Рот е за отворањето и затворањето на преговорите и на поглавјата во иднина да се одлучува со квалификувано мнозинство во Советот на министрите на ЕУ „бидејќи е недозволиво една или две земји членки на Унијата да ги уценуваат сите останати околу ваквите одлуки“. Според Рот, тоа било неговото најгорко искуство кога беше германски државен министер бидејќи морал да коленичи и да ги убедува француските и бугарските претставници за компромис околу преговорите со Македонија.
Другите предлози на Рот за побрзо членство се:
1.Земјите кандидати кои остваруваат задоволителен напредок во рамките на преговарачката рамка и во владеењето на правото и доброто владеење да бидат дел од Европскиот совет и да учествуваат на министерските состаноци.
2.Пред пристапувањето во ЕУ да се оствари потесна соработка со земјите кандидати во клучните области како што се безбедноста, енергијата и инфраструктурата.
3.Да им се овозможи на земјите кандидати постепено пристапување кон заедничкиот европски пазар.
4.Претпристапната финансиска помош да се зголеми значајно за да се намали јазот со земјите членки на ЕУ и за да се заштитат земјите кандидати од лошите кинески кредити.
5.Да се зајакне улогата на граѓанското општество и да се водат консултации со него.
6.Земјите членки на ЕУ да станат спонзори на техничка помош во процесот на проширувањето.
Пред учесниците на конференцијата посветена на Берлинскиот процес тој порача дека руската агресија врз Украина ја разбудила Европската унија и ја натерала повторно да се фокусира на најуспешниот инструмент што го имала досега – проширувањето.
-Вашата иднина е и наша заедничка иднина, рече Рот, додавајќи дека стабилизирањето на соседството на ЕУ е пред се во нејзин интерес. Според него ЕУ треба да се реформира така што земјите ќе имаат придобивки од пристапувањето пред да станат членки, нагласувајќи притоа дека приемот на Македонија има најголемо симболичко значење – бидејќи е најуспешната мултиетничка демократија во Западниот Балкан. Според него, ЕУ не може да си дозволи веќе националистички тензии како тие на границата меѓу Србија и Косово и во БиХ, ниту пак да остане настрана од судирот на либералните и социјалдемократски со авторитарните системи на Кина и на Русија, кои се случуваат и тука.
Тој изрази разбирање исто така што на сите во регионот им е преку глава, што се заситени и што не и веруваат на ЕУ, бидејќи и Унијата треба да испорача тоа што ветува, а не само ние. Затоа, сметаше дека процесот на проширување треба да се реформира и земјите кандидати да бидат вградени во структурите на Унијата чекор по чекор, да ги почуствуваат придобивките без притоа да се занемарат критериумите. Лично застана зад 2030 година како датум за проширувањето бидејќи не беше сигурен дека луѓето во регионот можат да бидат трпеливи уште 20 години, колку што чекаа досега.