Рот: Бугарија го држи во заложништво проширувањето на ЕУ


Софија не може да го држи во заложништво проширувањето на Европската унија, порачува германскиот министер за Европа Михаел Рот во авторски текст за весникот „Велт“.

Рот очекува поддршка од новата американска администрација за придвижување на Западен Балкан кон Европската унија, пренесува Дојче веле.

-Албанија и Северна Македонија, на својот пат кон ЕУ постигнаа многу, исполнија една амбициозна реформска агенда и не дозволија да бидат сопрени од разни пречки. Со решавањето на спорот за името со Грција, Северна Македонија испиша историја во вистинската смисла на зборот. Оттука зеленото светло за почеток на пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија беше вистинскиот и потребниот чекор. Сега мора во најкус рок да се одржат Меѓувладините конференции со двете земји, откако ќе се исполнат условите. Германија силно се заложи за тоа во рамките на своето претседавање со ЕУ, пишува Рот.

Тој порачува дека „ЕУ мора да си го исполни ветеното и да испорача“, и дека Бугарија не може да ги наметнува своите билатерални барања на европско ниво.

-Пристапниот процес не смее да се одложува во недоглед затоа што една единствена ЕУ членка од него прави заложник на сопствените билатерални барања, пишува Рот.

Германскиот министер оценува дека итно се потребни позитивни сигнали за Западниот Балкан, и додава „на коцка е ништо помалку од кредибилитетот на ЕУ.”

-Блиското поврзување со Западниот Балкан е во наш најголем стратешки интерес. Во спротивно, ќе настапат други актери кои немаат многу заедничко со нашите вредности. Не смееме тоа да го дозволиме во еден свет во кој сме во конкуренција со авторитарни сили, наведува тој.

Рот опоменува дека доколку ЕУ не успее да си ги исполни ветувањата на Западниот Балкан, тогаш не може да се профилира ниту како глобален играч. Во таа насока, тој очекува поддршка и од новата американска администрација.

-И новата американска влада ќе очекува од нас да преземеме поголема одговорност во нашето соседство. Изборот на Џо Бајден за претседател на САД нуди шанса, повторно заеднички и одлучно да работиме за слобода, помирување и демократија на Западниот Балкан, пишува Михаел Рот во авторскиот текст за „Велт“.