Романот „Киклоп“ од Ранко Маринковиќ, по кој се снимаше истоимениот филм, преведен на македонски
„Киклоп“, полу‑автобиографски роман за интелектуалците во Загреб пред војната, се смета за еден од најдобрите хрватски романи во сите времиња

Од печат излезе преводот на романот „Киклоп“ од хрватскиот писател Ранко Маринковиќ. Романот е објавен во реномираната едиција ПРОаЗА на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ.
Преводот од хрватски е на Владимир Јанковски и истиот е овозможен со поддршката на фондацијата ТРАДУКИ и Министерството за култура и медиуми на Р. Хрватска.
Романот Киклоп на Ранко Маринковиќ е едно од најзначајните дела во хрватската литература од 20-тиот век, ремек-дело кое ги спојува модернистичките и постмодернистичките тенденции, интелектуалната длабочина и книжевната виртуозност. Сместен во предвоениот Загреб, за време на месеците непосредно пред Втората светска војна, романот го проучува внатрешниот свет на Мелкиор Тресиќ, млад интелектуалец кој се соочува со наметнуваниот воен ужас и со своите егзистенцијални прашања.
Во Киклоп, Маринковиќ блеска со користењето на интертекстуалноста, спојувајќи митолошки, книжевни, филозофски и историски референци, создавајќи богат книжевен универзум во кој се спојуваат Достоевски, Шекспир, античката литература, Библијата и историјата. Преку комплексни дијалози, дигресии, игри со зборови и богатство на стилски вештини, романот ги истражува темите на модерната алиенација и потрагата по смисла во време на анксиозност, бестијалност и неизвесност.
Во центарот на приказната е ликот на Мелкиор, чији внатрешни борби и психолошки дилеми се одразуваат во сите аспекти на романот, од филозофски размислувања до гротескни сцени кои варираат од репортажи до бурлески. Романот не се занимава само со историјата, туку и со рефлексијата на интелектуалецот во времето на криза, кога идентитетите и идеалите се губат под тежината на секојдневните драматични настани.
Киклоп е дело кое постојано се реинтерпретира, богато со симболика и цитати кои ги надминуваат рамките на самата нарација. Тоа е роман што се доживува, роман за интелектуалците, но и за сите оние кои бараат подлабоко значење во светот исполнет со контрадикции.
Романот во 1982 г. на филмско платно го пренесе режисерот Антун Врдољак, а во филмот играа прославени актери на југословенското глумиште.
Ранко Маринковиќ (1913– 2001) e еден од најзначајните хрватски писатели и драматурзи на 20 век. Почна да објавува пред Втората светска војна – неговата прва драма „Албатрос“ (1939) беше поставена во Загреб.
Најпознати дела на Маринковиќ се збирката раскази „Раце“ (1953), драмата „Глорија“ (1955), во која го критикува црковниот догматизам, и романот „Киклоп“ (1965) – полу‑автобиографски роман за интелектуалците во Загреб пред војната. „Киклоп“ беше адаптиран во филм во 1982 и се смета за еден од најдобрите хрватски романи во сите времиња. Во поголемиот дел од својот живот се занимаваше со театар, есеистика и филмска критика.