Романот „Денот на црвот“ од Симона Јованоска објавен во Хрватска


Романот Денот на црвот од Симона Јованоска е објавен во Хрватска во издание на издавачката куќа Неолит. Превод на хрватски е на Ивица Баковиќ.

Ова е трет превод во регионот на наградениот роман на Јованоска (Роман на годината за 2021 г.), по преводите на бугарски и на српски јазик.

За романот Денот на црвот хрватскиот издавач Неолит пишува:

 Денот на црвот во тмурното расположение на доцната есен ги усложнува и испреплетува ликовите, случувањата и мотивите, доведувајќи го во врска она што само наизглед е неповрзано. Не било пишано, на почетокот на романот вели дождовниот црв, откако сосем случајно ќе остане жив. Она што е пишано, во овој блескав првенец на Симона Јованоска, овенчан со наградата Роман на годината, во добра мерка е впишано меѓу редовите.

Флуидната присутност но и отсутност, поврзаноста во безбројните можни различни перспективи, создаваат мозаик на различни животни приказни во цвста целина која што долго вибрира во свеста на читателот, со секогаш новите релации помеѓу црвот, чавката, киднаперите на сопственото семејство и другите ликови кои би можеле да бидеме и ние самите, само кога мозаикот малку поинаку би се пресложил.