Романија донираше радио-опрема за ДЗС


Во касарната „Гоце Делчев“ денеска свечено беше предадена радио-опремата донирана од Република Романија за Дирекцијата за заштита и спасување. Донацијата е дел од проектот насловен „Зголемување на оперативниот капацитет на Дирекцијата за заштита и спасување преку донација на добра и/или трансфер на експертиза со цел усогласување на националното законодавство со регулативите за итни случаи на ЕУ“, имплементиран во 2022 година од романската Агенција за меѓународна развојна соработка – RoAid.

Беким Максути, директор на Дирекцијата за заштита и спасување истакна дека донацијата е во износ од 12.000 евра и вклучува 20 радио-мобилни системи со предавател и со појачувачи со кои што може да се монтираат на самите возила кои ДЗС ги поседува, со цел зголемување на своите капацитети на терен во однос на справување со која било од елементарните катастрофи или друг вид на несреќи со кои што Дирекцијата согласно своите законски надлежности може да биде повикана, да понуди помош и да излезе на терен.

-Република Романија појавува интерес во менторирање на сето она што ние е потребно за полесно усогласување на сите регулативи во однос на цивилната заштита кон Европската Унија. Република Романија со ова донација се рангира на првите места по однос на билатералната поддршка и помошта што ја дава кон Република Северна Македонија и ДЗС, рече Максути.

Амбасадорката на Република Романија во земјава, Моника Аксинте информира дека Проектот опфаќа, од една страна соработка на експерско ниво мешу ДЗС и Генералниот инспекторат за вонредни ситуации во Романија, со цел споделување на експертизата на Романија во врска со усогласувањето со релевантните регулативи на ЕУ. Од друга страна, како што потенцира романската амбасадорка, проектот опфаќа набавка за ДЗС на 20 мобилни радиостаници со репетитор во вредност од 12.000 евра.

-Ова е втор проект финансиран од RoAid во корист на Дирекцијата за заштита и спасување. Да потсетам дека во 2021 година романската Влада и покри трошоците за набавка на нова транспортна приколка АТВ во вредност од 17.650 евра. Исто така, во 2022 година, RoAid финансираше уште еден проект во вредност од 20 илјади евра во корист на Центарот за управување со кризи на Северна Македонија, кој ќе биде финализиран во блиска иднина, рече Аксинте.