Рохани: Војна со Иран е мајка на сите војни


Иранскиот претседател Хасан Рохани денеска изјави дека војна со Иран е „мајка на сите војни“ и уште еднаш предупреди дека бродовите можеби не се безбедни во Ормутски Теснец.

Тој за иранската државна телевизија додаде дека мир со Иран е „мајка на сиот мир“.
Рохани истакна дека доколку САД сакаат да преговараат со Иран мора да ги укинат санкциите за да му се овозможи на Иран да извезува нафта.

– Теснец за теснец. Не може Ормутски Теснец да биде слободан за Вас, а Гибралтар да не е слободен за нас, посочи Рохани.

Околу една петтина од светскиот транспорт на нафта се одвива преку Ормутски Теснец.
Последниот инцидент се случи во неделата кога Иранската револуционерна гарда задржа странски танкер со 700.000 литри нафта и седум членови на екипажот, со образложение дека криумчарел нафта за арапските држави.

Иран минатиот месец заплени британски танкер во Ормутски Теснец под обвинение дека ги прекршил поморските прописи, а потоа запре друг брод, но го ослободи по предупредувањето.