Родот на тутунот намален за 30 до 40 отсто


За 30 до 40 отсто е намалена годишната реколта тутун. Климатските промени, дождот во време на садење, сушата пред берба и во раст на родот, го зедоа данокот. Родот е квалитетен, но количините се малку.

– Во тек е бербата на тутунот. Иако календарски е на половина, во некои реони е при крај затоа што нема доволно количества тутун. Пролетта, и во садењето, имаше многу дождови кои предизвикаа многу болести на тутунот. Потоа го фати суша која си го направи своето и оваа година имаме одличен квалитет на тоа што е произведено, но килажата ќе биде многу помала во споредба со лани. Иако тутунот се насади на поголеми површини, сепак родот е помал, вели Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.

На намален род се жали и долгогодишниот тутунопроизводител Драге Касниоски од Големо Коњари, Прилепско. Како и лани, има 15 декари со тутун, ама производството е преполовено. Временските прилики, со дожд при садењето и жештини при растот, го намалија родот. Голем проблем е и наводнувањето.

– Лани ако од 15 декари имав три тона, годинава се околу тон и половина. Немаме вода. Хидросистемот не стигнува до нас, иако вештачкото Прилепско езеро годинава е полно. Ако сакаме да го задржиме тутунопроизводството, зашто младите не сакаат да го работат, треба државата и Министерството за земјоделство да нѝ овозможат да имаме дупчења за вода. Мора да се наводнуваат површините, зашто со овие временски промени ништо не правиме, вели Касниоски.

Сојузот на земјоделските здруженија смета на поддршка од Министерството за земјоделство и на конструктивен дијалог со откупувачите за повисока цена на тутунот, поради инфлацијата, зголемените трошоци за репроматеријалите и нискиот стандард на живот.

– Очекуваме поддршка од Министерството за земјоделство како и досега за повисоки цени на тутунот. Продолжуваме со барањето за повисоки цени на тутунот кои ќе ги следат состојбите. Тоа е важно за да ја задржиме рентабилноста на тутунопроизводството во земјава, вели претседателот на Сојузот на земјоделски здруженија Стомнароски.

Годинава, со откупните претпријатија се потпишани 29 400 договори за 26 600 тони тутун.