Големата кашлица коси низ регионот – родителите да ги вакцинираат децата

Четирите смртни случаи на бебиња во Србија ги алармираа здравствените власти, но и сомничавите родители


Фото: Б. Грданоски

 

Вакцинацијата е најдобра заштита од зимските болести како грип, голема кашлица и други респираторни инфекции, но со оглед на малиот опфат на вакцинирани, кај нас и во регионот, се бројат новозаразени.

Според Комисијата за заразни болести, состојбата не е загрижувачка, а лекарите постојано апелираат на вакцинација, бидејќи опфатот во Македонија е под препорачаниот од 95 отсто, со што би се обезбедил колективен имунитет. На национално ниво тој процент изнесува 83,9 отсто, додека најмалку вакцинирани има во Скопје и во Куманово.

Денешната вест, дека во Србија починале четири бебиња од голема кашлица, а едно е на респиратор, повторно ги аламира здравстените власти да ги зајакнат повиците за вакцинација и кај нас. Вчера пак, беше објавено дека на клиниката во Козле пред пет дена бил потврден уште еден, четврт случај годинава, на голема кашлица. Станува збор за две ипол месечно бебе кое на клиниката било донесено со влошена здравствена состојба, но од таму информираа дека неговата состојба сега е стабилна.

Министерот за здравство Фатмир Меџити, денеска рече дека нема место за паника во однос на состојбата со големата кашлица.

Министерот Фатмир Меџити (Фото: Б. Грданоски)

-Ние како никогаш досега со УНИЦЕФ, со сите други релевантни институции, европски, за вакцинација, сме во тесна соработка. Како што кажав, нема простор за паника, ова е сезона на грип, но, сѐ е под контрола. Крајно време е да се смени овој ментален склоп, да се вакцинираат децата, тоа значи живот. Тие се нашите најмили. Повторно повикувам, нема ништо лошо во вакцините. Овие табуа еднаш засекогаш треба навистина да бидат минато, рече Меџити, во изјава на Клиниката за урологија, каде беа одбележувани на над 500 бубрежни трансплантации.

Досегашните регистрирани случаи со голема кашлица кај нас се покажа дека се кај лица кои не се вакцинирани со ДиТеПер, комбинирана вакцина која штити од бактерии предизвикувачи на три различни болести – дифтерија, тетанус и пертусис.

Според Институтот за јавно здравје опфатот со три дози на ДиТеПер е 83,9 отсто на национално ниво, а со трета доза на ДиТеПер пропуштени биле вкупно 3.322 деца.
Повикуваат родителите да ги проверат вакциналните картончиња на нивните деца и доколку пропуштиле доза на вакцина или воопшто не ги вакцинирале, веднаш да се јават во вакциналниот пункт и да го вакцинираат детето согласно Календарот за вакцинација.

Вакцинацијата е во три дози, на возраст од 2, 4 и 6 месеци. Потоа има две ревакцинации, првата на возраст од 18 месеци и втора на возраст од 7 години (односно во второ одделение).

Најмногу невакцинирани деца со ДиТеПер има во Скопје и во Куманово.

Денеска и од Здравствениот дом Куманово, детски диспанзер повикаа родителите навремено согласно календарот да ги вакцинираат децата.

„Куманово е еден од градовите каде се намалува процентот на имунизирани деца. Опфатот со вакцина против пертусис кај нас се движи до 75 проценти. Попроблематичен е опфатот е со вакцината МРП кој изнесува 40 проценти. Антивакциналната кампања, придонесе да се вратат исчезнати болести, како пертусис кои можат да предизвикаат сериозни последици, па дури да бидат и фатални“, изјави денеска д-р Валентина Богоевска-Димитриевска, од диспанзер Куманово.
 
Епидемија од голема кашлица, низ годините наназад сме немале, но се појавуваат случаи одвреме-навреме.

Александар Петличковски (Фото: Б. Грданоски)

„Состојбата не е загрижувачка. Ова не е ништо вонредно или драматично, низ годините наназад, сме имале од нула до четириесетина случаи во последните пет години. Лани сме имале три случаи. Во годините наназад сме немале епидемија, нагласува Петличковски, посочувајќи дека во регионот имало многу повеќе случаи“, рече претседателот на Комисијата за заштита од заразни болести Александар Петличковски, која заседаваше пред почетокот на второто полугодие и заклучи дека луѓето треба да одржуваат хигиена, што е доволно за превенција од респираторни заболувања, а во медицинските установи и домовите за стари лица да се носат маски.

Ризикот за појава на болеста и за компликации е најголем кај новородечињата и кај малите деца кои не се вакцинирани, но може да се јави и кај адолесценти и возрасни лица заради слабеење на имунитетот.

Од средината на декември се спроведува кампањата на УНИЦЕФ и Министерството за здравство „Да не си играме со здравјето!“ која ќе трае во следните неколку месеци низ целата земја. Таа е продолжение на кампањата од почетокот на оваа година, во која се вклучија здравствените работници, педијатрите, лекарите од пунктовите за вакцинација и гинеколозите за да зборуваат за опасностите од одложување на вакцинацијата, како и за придобивките од рутинските вакцини во детството, како најефикасен начин да се заштити здравјето на децата. (Б.Б.)