Родителите на загинатите во Кочани под тортура од владините ботови

Родителите на децата кои трагично ги загубија своите животи во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани сведочат дека се соочуваат со нова болка – навреди и најгнасни коментари од ботови поврзани со власта на социјалните мрежи кои траат од дента на трагедијата до ден денес, пишува Антополог.
„Што си ја пуштала ќерка ти во тоа диско“, „мир да нема твоето дете на оној свет“ – ова се само дел од срамните и нечовечки коментари кои семејствата ги добивале и уште ги добиваат. Наместо поддршка и сочувство, тие стануваат мета на организирана кампања од таканаречени провладини ботови за омаловажување и психолошки притисок.
Родителите со огорченост велат дека не можат да поверуваат оти државата, наместо да им овозможи правда, дозволува ширење на вакви навреди кон најтешко погодените семејства.
Трагедијата со „Пулс“ останува отворена рана за целата држава, а ваквите напади, наместо да донесат мир и поддршка, нанесуваат нови рани на семејствата на жртвите. Родителите на децата кои трагично настрадаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ се соочуваат и со нова тортура – државата им праќа инспекции за да ги заплаши и спречи да протестираат.
„Наместо да ни помогнат, тие праќаат инспектори да нè притискаат. Ова е срам и понижување“, велат родителите.
Семејствата тврдат дека ваквите акции на властите имаат единствена цел – да ги замолчат и да ги обесхрабрат во борбата за вистината. Тие најавуваат дека нема да се повлечат и дека протестите ќе продолжат, со порака дека „правдата мора да победи“.