Родителите на загинатите во Кочани не му поверуваа на Тошковски за истрагата

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, денеска ги прими семејствата на загинатите во пожарот во Кочани во просториите на МВР откако тие претходно го повикуваа на протестот пред Собранието. На средбата родителите го прашаа зошто истрагата се води на селективен начин, но изразија и незадоволство дека не се притворени вистинските виновници за смртта на нивните деца.Тошковски ги увери родителите дека правда за овој случај мора да има посочувајќи оти во интерес на истрагата не смее да сподели повеќе детали.
„Ве разбирам и ви го разбирам гневот. Не сакам од ова да правам политика. Не сметам дека овие деца го заслужуваат тоа. Истрагата е сè уште во тек. Досега се осомничени 70 лица“, порача тој.
Посочи дека за случајот е осомничен и актуелен министер, актуелни директори и актуелен градоначалник.
Тошковски побара да му веруваат дека истрагата нема да поштеди никого за кого има докази, но родителите кои влегоа на средбата речиси во еден глас му кажаа дека не му веруваат и прашаа зошто обвинетите кои се во домашен притвор шетаат по улици и дали овојпат ќе биде виновна прскалката.
Тој им објаснуваше дека не поднел оставка од функцијата оти таткото на починатиот полицаец, откога го погребал синот, му рекол да издржи, да продолжи во борбата, да ја истера работата до крај и да не се повлекува.
Родителите на загинатите ги побараа обдукциските наоди за децата бидејќи никој не
знае кога му починало детето. Тошковски неколкупати на родителите им кажа дека го разбира гневот што го имаат кога тие прашаа зошто актуелни функционери и одговорни лица не одговараат , објасни дека и неговите деца плачеле и дека има факти пред кои никој не смее да мижи.
„Актуелен министер е осомничен, факт. Актуелен командир на полициска станица е осомничен,
актуелен директор на Дирекција за заштита и спасување е осомничен, дали е во притвор или не е во притвор е мерка за која одлучува Судот на начин на кој што одлучува, но факт е дека се
осомничени. Актуелен градоначалник е осомничен, и не само актуелниот туку и тој пред него и тој пред него“, се бранеше Тошковски на што родителите на загинатите му кажаа дека само ги
пуштил на „заслужен принуден одмор“ по дома. Тошковски исто така им се извини на родителите на загинатите поради тоа што во овој момент не може да
им каже се што знае за случајот оти истрагата е во тек и ако каже нешто повеќе може да ја
наруши.Тогаш некои револтирани родители прашаа затоа ли не направил
комеморација за загинатите и зошто кажува дека ги посетил семејствата кога отишол само во
семејството чиј зет му бил пријател.
Се јави и мајката што министерот ја посетил поради пријателство, но кажа дека
првпат го гледа министерот и потсети дека таа ги организирала сите протести и маршеви. Во тој
момент министерот Тошковски замоли медиумите и сите освен родителите на загинатите да
излезат.