Родителите на малата Јана запрепастени: Нема лекарска грешка во смртта на девојчето

Родителите велат дека се уште го чекаат конечниот извештај од ОЈО, но според сѐ што утврдил нивниот адвокат од доставените анализи кои му биле дадени на располагање, девојчето имало бронхопневмонија без да има симптоми, што довело до срцев удар


Починатото девојче Јана Христовска

 

Родителите на починатата шест годишна Јана Христовска од битолското село Кравари се огорчени од сознанието на извештајот од Судска медицина дека нема лекарска грешка во смртта на нивното чедо. За нив извештајот е „жив срам“.

Родителите на Јана, Кристина и Стојче за „Независен“ денес потврдија дека нивниот адвокат деновиве направил увид во целиот случај досега, вклучително и во извештајот од Судска медицина каде, како што велат, им пренел дека нема лекарска грешка во смртта на девојчето.

Родителите велат дека се уште го чекаат конечниот извештај од ОЈО, но според се што утврдил нивниот адвокат од доставените анализи кои му биле дадени на располагање, девојчето имало бронхопневмонија без да има симптоми, што довело до срцев удар.

За Христовски „ова е смешно“.

Битолското обвинителство вчера за Независен потврди дека наскоро ќе го објави конечниот извештај за смртта на Јана, но дека први за тоа ќе чујат родителите.

„Ние како родители се уште го немаме извештајот од ОЈО Битола, но нашиот адвокат во петокот направи увид во случајот и ни пренесе дека според вештачењето на Судска медицина-Скопје, девојчето имало бронхопневмонија беа да има симптоми и нема лекарска грешка во нејзиното лекување. Зошто се покачи шеќерот по примената инфузија? Смешно е ова“, велат Стојче и Кристина.

Тие денеска попладнево објавија на Фејсбук дека не се согласуваат со извештајот на вештаците од Судска медицина.

„Нема причинско последична врска во случајот со Јана, инфузијата не била пресудна… Јана имала бронхопневмонија тешка која го зафатила срцевиот мускул и дошло до срцев удар!!! Овој извештај од Судска медицина е жив срам. Како можи Јана да нема симптоми како што се константна температура, кашлица итн, да има бронхит т.е воспаление на бели дробови… И баш тоа да се случи во рок од 2 часа да дојди до срцев удар откако е однесена на болница стабилна на нозе со нормални вредности на првите резултати од крвта. Присутен бил вирус во белите дробови, а не е утврдено за кој вирус се работи! , пишуваат родителите, и отворено го поставуваат прашањето како дошло до покачување на шеќерот во крвта по примената инфузија.

„Нигде не е наведено зошто шеќерот после инфузијата се покачи и тоа многу. Ова лично го очекувавме ние… дека лекарска грешка ќе нема. Можат да пишат што сакаат, хартијата трпи се! Очигледно е дека во Македонија нема правда ниту некогаш ќе има за обичниот граѓанин!“, пишуваат родителите на Јана.

Малото девојче почина на 22 март по само неколку часа хоспитализација на Детското одделение во Битолската клиничка болница.

Се очекува ОЈО Битола деновиве да го објави и конечниот извештај за смртта на 6 годишната Јана која ја потресе македонската јавност.