„Робусната акција“ на Мицкоски не била притисок врз судството


Марија Митева

Робусната акција во правосудството што ја најави премиерот Христијан Мицкоски, владината портпаролка Марија Митева вели дека не ја оценуваат како притисок кон судиите и обвинителите.Конкретно, ставот на Владата што Митева денеска го сподели со медиумите беше одговор на прашањето дали вчерашната неотповиклива оставка на, сега веќе поранешната претседателка на Судскиот совет, Весна Дамева и сè пожестоките критиките од страна на владејачката ВМРО-ДПМНЕ кон државниот јавен обвинител, се дел од таа робусна акција и дали тоа може да ѝ донесе негативни поени на земјава.

„Негативните поени коишто ги имавме како држава доаѓаа од непостапувањето на правосудството во целина и од огромниот број на скандали коишто се случуваа таму. Она што значи информација за тоа дека ќе имаме навистина робусна борба против состојбите коишто ги има во делот на правосудството не го цениме како притисок“,
рече Митева на денешната прес-конференција.

Таа, го повтори вчерашниот став на Владата, дека она што поранешната претседателка на Судскиот совет го изнесе во јавноста и нејзината оставка се најсоодветното нешто можело да се случи по сите скандали.

Членката на Судскиот совет Весна Дамева вчера поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседателка на ова тело, наведувајќи дека во изминатиот период, особено во последните месеци, се соочила со притисоци код страна на одредени политичари, кои во обидите да го нарушат нејзиниот интегритет ја користеле и собраниска говорница.Во таа насока, таа директно ги посочи премиерот Христијан Мицкоски и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.

„Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, токму од собраниската говорница изнесе наводи дека во Судскиот совет со кој јас раководам има некакви кланови и се фалсификуваат записници. Во неколку наврати, тој, како и политичари од сегашната власт, се обраќаа со негативни ставови за членови на Судскиот совет, нивна поврзаност со политичари од претходната власт и сето тоа во насока да се претстави во јавноста дека јас или, пак, членовите на Советот не ја извршуваме функцијата професионално, стручно, совесно и одговорно. А Судскиот совет заедно со Советот на јавни обвинители беа посочени како тела кои треба да бидат распуштени“,
рече, меѓу другото, Дамева во своето вчерашно излагање пред медиумите.

Судскиот совет вчера попладне, неколку часа по излагањето на Дамева, одржа итна седница на која ја констатира нејзината неотповиклива оставка, но не избра нејзин наследник, иако тоа беше предвидено со предложениот дневен ред.