РобоМак 2025 – натпревар по роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција


Меѓународниот натпревар по роботика, автоматика, електроника и вештачка интелигенција „RoboMac 2025” од денеска до 17 мај ќе се одржи во организација на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Скопје 13. пат ќе биде домаќин на повеќе од 70 млади иноватори и експерти од земјата и странство.

Студентите, како што најавуваат организаторите, ќе имаат можност да се запознаат со последните технолошки иновации поврзани со роботиката, автоматиката, електрониката и вештачката интелигенција, преку богатата програма и практични работилници. Работејќи во тимови, студентите ќе имаат можност да ги употребат своите теоретски знаења и практични вештини, истите да ги надоградат и усовршат, да соработуваат со студенти од земјата и странство, со цел да го освојат првото место во својата категорија.

На отворањето, како што е најавено, ќе се обратат деканот на ФЕИТ, Владимир Атанасовски, Ректорот на УКИМ, Биљана Ангелова, министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и претседателот на македонската секција на IEEE Анастас Мишев.

РобоМак 2025 е во организација на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, заедно со Македонската секција IEEE и Факултетското студентско собрание на ФЕИТ.