РК Алкалоид: Огромна благодарност за поддршката, не по наша вина, финалето не се одигра

Управата на Алкалоид преку соопштение им се заблагодари на сите присутни во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје кои синоќа дојдоа да гледаат ракомет, но натпревар немаше.
Огромна благодарност за Вашата поддршка која ни ја дадовте во СЦ „Борис Трајковски“. Беше убаво да се видат полни трибини, како во еден глас навиваат за нашиот клуб и даваат поддршка. За жал, не по наша вина, финалниот натпревар со РК АЕК од Атина не се одигра поради тоа што противничкиот тим не сакаше да излезе на терен и да го одигра реваншот.
Нашиот клуб е во константна комуникација со ЕХФ за понатамошниот исход од дуелот и за него ќе бидете известени преку нашите официјални клупски гласила.
Уште еднаш, големо БЛАГОДАРИМЕ за сите што дојдовте во сала и му ја дадовте Вашата поддршка на РК Алкалоид! – стои во соопштението на Алкалоид.
Играчите на грчкиот клуб иако беа во салата и се загреваа пред натпреварот, одбија да го играат мечот со образложение дека нивните многумина нивни навивачи не биле пуштени да влезат во Македонија.
На првиот натпревар од финалето на ЕХФ Европскито куп, Алкалоид во Атина победи со 29:25.
Европската ракометна федерација (ЕХФ) синоќа се огласи по неодигрувањето на реваншот од финалето на Европскиот куп меѓу Алкалоид и АЕК.
ЕХФ во своето кусо соопштение порача:
„Финалето на ЕХФ Европскиот куп меѓу Алкалоид и АЕК во Скопје е откажано поради безбедносни причини“.
Конечната одлука дали Алкалоид службено ќе го добие натпреварот, или ќе биде доделен нов термин за реваншот ќе биде донесена во вторник (27 мај).
АЕК не го одигра натпреварот поради заканите од сопствените навивачи кои на грчките ракометари им порачале да не се враќаат во Атина ако истрчаат на теренот во СЦ „Борис Трајковски“.