Ривалите до Мицкоски: Се ближи крајот на твоите партиски бизниси


Иницијативниот одбор за вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ ги коментира реакциите во матичната партија откако донесе одлука да го одложи закажаниот конгрес на крајот на март поради пандемијата.

„Еуфоријата на се уште актуелниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за одложувањето на вонредниот конгрес покажува колку е тој очаен и колку го интересира само сопствената функција.

Христијан Мицкоски успеа да ги загуби изборите во Ново Село и покрај тоа што градоначалникот познат како Боро-Малборо беше фатен во шверц на цигари.
Христијан Мицкоски успеа да ги загуби и локалните избори во Охрид, иако дури и Гордана Силјановска таму победи.
Христијан Мицкоски успеа да ги загуби и претседателските и парламентарните избори во 2019 и 2020 година.
Христијан Мицкоски избега од изборно соочување во Штип и избега од заземање на став по однос на референдумот.
Мицкоски овие четири години стана синоним за пораз.Очекувано е човек кој доживеал целосен дебакл да се радува само затоа што се одложило неговото заминување од функцијата.

Мицкоски е единствениот во ВМРО-ДПМНЕ чии афери се амнестираат од надлежните обвинителства и судови, додека останатите членови се соочуваат со драконски казни.
Нема член на СДСМ кој не смета дека „Мицкоски треба да си го пазат како очи во глава“ и дека тој е омилениот спаринг партнер кој си го нокаутираат по договор.

Мицкоски и нанесува штета и на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија.
Мицкоски има неколкукратно понизок рејтинг од ВМРО-ДПМНЕ и ја влече партијата надолу, а меѓу два изборни циклуси успеа да загуби 150 000 гласови. Колку порано Мицкоски си замине од претседателската функција, толку подобро и за Македонија и за ВМРО-ДПМНЕ.Јасно е дека тој нема капацитет да ја води партијата.Отпорот против Мицкоски во партијата се зголемува и се ближи крајот на неговите партиски бизниси.Иницијативниот одбор за организирање на Вонреден конгрес навремено ќе ги информира делегатите и јавноста за сите идни чекори“, стои во реакцијата.