Ристоска до Мицкоски: Кога кандидат однапред се исклучува, подобноста е примарна

Дури и во „Мамас“ примале лица со повисоки критериуми од критериумите што ги практикувале при прием на кадри во СЈО, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ


 

Откако премиерот Христијан Мицкоски  изјави дека Ленче Ристоска не е кандидат што Владата го разгледува за функцијата државен јавен обвинител, со реакција се јави и обвинителката.

„Кога кандидат однапред се исклучува без анализа на неговата програма и професионален пат, тоа отвора прашања за природата на критериумите што се применуваат. Уверена сум дека избор од вакво значење мора да биде заснован на квалитет, а не на подобност. Професионалците во системот мора да знаат дека нивниот труд и стручност се единствената валута што треба да одлучува. Во спротивно, ризикуваме да испратиме порака дека без разлика на компетентноста, подобноста е примарна — а тоа не е патот по кој треба да се движи едно демократско општество“, реагира Ристоска.
 

И опозициската СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски за директно мешање во изборот на нов државен јавен обвинител и „погребување“ на правната држава. Од СДСМ тврдат дека промената на јавниот обвинител била политичка цел на Мицкоски со цел воспоставување на целосна контрола врз судството и обвинителството. Според партијата, елиминацијата на Ристоска е потврда дека на власта не ѝ одговара професионалец со интегритет.

„Мицкоски сам одлучува кој ќе биде назначен. Тој ја елиминираше независната кандидатка Ленче Ристоска, иако таа доби максимални 10 поени од Советот на јавни обвинители и позитивна оценка за својата професионалност и стручност. Мицкоски сам одлучува дека таа ‘не е во игра’, во живо, на телевизија“, се вели во партиското соопштение.

Опозицијата посочува дека елиминацијата на Ристоска веќе се слави од, како што велат, „медиумскиот октопод на Орбан во Македонија“.

СДСМ набројува неколку примери кои, според нив, ја докажуваат партизацијата на судството – назначување сопруга на градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ за член на Судски совет, избор на поранешен советник на Мицкоски за уставен судија, а додаваат и дека Владата однапред ги знае судските одлуки за процеси што не се завршени и дека премиерот од собраниската говорница им дели задачи на судиите и обвинителите. Од партијата велат дека Владата става обвинител под нивна контрола и оти со тоа следува целосно погребување на правдата и правната држава.

Изјавата на премиерот Мицкоски следува откако Советот на јавни обвинители пред два дена на Владата ѝ достави список со позитивно мислење за четворица од петмина пријавени кандидати за функцијата државен јавен обвинител. И покрај позитивната оценка за Ристоска, од ВМРО-ДПМНЕ утрово порачаа дека мора да е свесна дека има јасни критериуми за таа позиција и „ако е навикната подобноста да е еден од нив, како што тоа беше во СЈО каде таа беше десна рака на Јанева, тоа овој пат не е случај“.

„Ова се други времиња и потребни се интегритет, професионалност, одговорност’, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на ставот на Ленче Ристоска, додавајќи на тоа тешка навреда за обвинителството:

„Дури и во ‘Мамас’ како фирма примале лица со повисоки критериуми од критериумите кои ги практикувале при прием на кадри во СЈО. Чудно е од друга страна пак што ист човек во својата приватна фирма (‘Мамас’) да прима луѓе по одредени критериуми, а кога бирал за државно обвинителство примал луѓе кои беспоговорно го слушаат и без никакви критериуми. Инаку мора да сме искрени, подобноста е најсилниот атрибут и особина на Ристоска и нејзиниот неизбор е токму сигнал дека тоа овде не е пресудно, туку далеку поразлични и побитни критериуми. И за крај порачуваме барем да биде реална и искрена, и додека говори јавно за подобност и критериуми и глуми, барем да престане да лобира кај функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Не е ова СДС и СЈО. Тоа време помина“, се вели во реакцијата.

Во кулоарите веќе се прогнозира на која обвинителка е наклонето ВМРО-ДПМНЕ , а тоа е обвинителката што доби најмногу гласови на оценувањето. Имено, членовите на Советот на јавните обвинители, покрај за Ристоска, дадоа позитивно мислење за обвинителките Анита Тополова-Исајловска, Лидија Раичевиќ и за судијата Ненад Савески. Од трката отпадна поранешниот кривичен судија Владимир Панчевски.

Сега на потег е Владата. Ќе одлучува чие име ќе адресира до Собранието кое треба да го избере новиот државен обвинител. Дел од јавноста оценува дека на овој начин премиерот самиот си избира фаворит.

Според универзитетскиот професор, Гордан Калајџиев, за жал, законот ѝ дава на Владата право да си предложи свој фаворит, а за последниот збор, само формално да го има Собранието.

„Тоа (Собранието) може да не го избере кандидатот на владата, што знаеме нема да се случи“, вели Калајџиев во изјава за „Локално“.

Како што истакнува професорот, оваа влада нема вистински концепт за решавање на проблемите во правосудството.

„Од самиот почеток решението го гледа себично во поставување на свои луѓе на битни позиции со цел да оствари влијание и контрола врз судството. Конечно, со предлогот за државен јавен обвинител сите карти ќе се отворат“, истакнува Калајџиев.

За кандидатите чии имиња треба да стигнат до Владата, а потоа и Собранието, професорот вели дека обвинителката Раичевиќ и судијата Савески се вистинските луѓе за ова место, а в.д. државната обвинителка Тополова-Исајловска дека е нескриен фаворит на ВМРО-ДПМНЕ, додека за Ристоска вели дека има некоја своја агенда – која не му е многу јасна.