Рисима Рисимкин одликувана со „Витез од редот на уметностите и книжевноста“ на Франција

На македонската кореографка за модерен танц Рисима Рисимкин синоќа во Скопје ѝ беше доделено одличјето Витез од редот на уметностите и книжевноста што ги доделува државата Франција.
Одличјето ѝ го додели францускиот амбасадор во земјава Кристоф Ле Риголер на свечена пригодност што се одржа во француската резиденција.
Тој ги истакна достигнувањата на Рисимкин во модерниот танц, а особено нејзините соработки со француските танчарски трупи и културни институции. Рисимкин и нејзиниот Скопје танцов театар беа први и единствени изведувачи од Македонија кои настапија на сцената на Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Париз во 2022 година.
Амбасадорот Ле Риголер нагласи дека Рисимкин не само што овозможила да гостуваат француски танчари, трупи и професори по танц во земјава, туку била и културен амбасадор кој придонел да се претстави модерниот танц во македонска кореографија и изведба пред префинетата француска публика.
„Креацијата беше и сѐ уште е постојан дел од мојот живот. Целта ми е да ја издигнам танцовата уметност и да ја промовирам не само дома, туку, и посебно надвор. Историското гостување кое го остварив со танчерите на Скопје танцовиот театар во Националниот театар за современ танц „Шајо“ во Франција, беше врв на мојата уметничка кариера, остварување на мојот долгогодишен сон и огромно признание за мојата короеграфска работа. Да се биде Витез на уметностите и книжевноста на Франција, за мене е голема чест и признание и чувствувам радост и воодушевеност,рече Рисимкин на доделувањето на одличјето и се заблагодари до Француската амбасада, Францускиот институт и до државата Франција.
Одличјето Витез од редот на уметностите и книжевноста го доделува француското министерство за култура.