Рисима Рисимкин ќе гостува на Шекспир фестивалот во Верона со „Жените во творештвото на Шекспир“

Македонската кореографка Рисима Рисимкин ќе гостува на престижниот Шекспир фестивал во Верона на 13 септември 2025 година, со својата најнова современа танцова претстава – втор дел од трилогијата „Жените во творештвото на Шекспир“.
Претставата, која беше премиерно изведена во мај во Битола, на отворањето на 26-то издание на Фестивалот на монодрама, е дело на Рисимкин, со музика на Тони Китановски, сценски и светлосен дизајн на Матеа Мијановиќ, и костими на Благој Мицевски. Таа го спојува класичниот балет со современиот танц, воведувајќи говорен елемент во невербалната форма, што ја прави уникатна на светската сцена.
Во претставата учествуваат осум танчари, меѓу кои Анастасија Данчевска (Дездемона), Дејан Битровски (Јаго), Лука Ѓорѓиевски (Отело), и Сара Димовска (Емилија), а гласовите ги позајмуваат Надја Луканова, Елена Терзиева и Ивона Маневска.
Гостувањето во Верона претставува значаен момент во кариерата на Рисимкин, која годинава одбележува 45 години уметничко творештво. Таа е добитник на бројни меѓународни признанија, меѓу кои и титулата „Витез од редот на уметностите и книжевноста“ на Франција, и има настапувано на врвни сцени низ светот – од Париз и Њујорк, до Пекинг и Лисабон.
Италијанската публика веќе ја запозна Рисимкин во 2023 година со претставата „Лејди Магбет“, која беше оценета како „автентично откритие“ од весникот Veronasera, со рекордна посетеност на театарот Камплој.