„Рио Тинто“ се извини за изгубената мала радиоактивна капсула на пат во западна Австралија


Светски познатата рударска компанија „Рио Тинто“ се извини откако еден од нејзините подизведувачи изгуби мала капсула со радиоактивна супстанција некаде по патот долг 1.400 километри во Западна Австралија, јави ДПА.

Капсулата, што содржи мало количество радиоактивен цезиум-137, е со дијаметар од околу шест милиметри и висока осум милиметри, соопштија здравствените власти во Западна Австралија.

Се верува дека капсулата, што последен пат била видена на 12 јануари, според новото соопштение паднала од задниот дел на камионот некаде меѓу рударската локација северно од градот Њуман и североисточните делови на Перт.

Во тек е потрага по капсулата, јави германската агенција.

-Ние го сфаќаме овој инцидент многу сериозно, изјави шефот на одделот за железна руда во „Рио Тинто“, Сајмон Трот пренесен од австралиските медиуми, вклучително и националната телевизија Еј-Би-Си.

„Јасно признаваме дека ова е многу загрижувачко и жалиме за алармот што го предизвика во заедницата на Западна Австралија“, додаде Трот.

-„Рио Тинто“ ангажираше изведувач од трета страна, со соодветна експертиза и сертификација, безбедно да го спакува уредот како подготовка за транспорт надвор од локацијата пред приемот во нивниот објект во Перт, рече тој.

Трот додаде дека компанијата спроведува сопствена истрага за тоа како настанала загубата. Во саботата рударскиот гигант потврди дека капсулата потекнува од еден од неговите рудници.

Капсулата не може да се употреби како оружје, но може да предизвика сериозни здравствени последици, се наведува во соопштението на здравствените власти во Западна Австралија, пренесува ДПА.