Рикверцот на Макрон

Главната вест за Македонија од француско-германскиот предлог за реформа на ЕУ е дека проширување очигледно ќе има, рокот е зацртан, а ветото нема да ни пречи до 2030 година


Наспроти гласноста за тоа кој со кого преговара за уставните измени, на политичката сцена владее громогласен молк околу француско-германскиот официјален предлог за реформа на ЕУ, кој ја зацрта 2030 година како рок кога треба да добиеме членство. Иако сите многу се возбудија и вознемирија кога францускиот претседател Емануел Макрон пред повеќе недели порача дека ЕУ треба прво да се реформира па да се проширува, сега откако стана јасно дека реформирањето сериозно почнува во Унијата– сите бегаат од таа тема. Зошто?

Затоа што се исчисти просторот за уставните реформи, а сите наводни силни аргументи тие да не се прават испарија со една расправа во Советот за општи работи во ЕУ. Она што се случи таму е дека Франција и Германија заеднички и официјално побараа да се укине ветото во процесот за проширување се до конечниот прием, што значи дека не палат веќе заплашувањата дека Бугарија ќе ни ги блокира преговорите на секој чекор. Франција и Германија предложија исто така да се фиксира датумот за прием и да се отвори ЕУ за фазно приклучување на земјите во политиките на Унијата, за да не го чекаат последниот чин на пристапување. Франција и Германија предложија исто така подготовките за проширувањето на ЕУ да не го чекаат новиот политички состав во Брисел туку да завршат дотогаш во најголемиот дел, за да знаат земјите кандидати дека ветувањата што ги добиваат сега нема да „си заминат“ заедно со актуелните функционери на ЕУ, ако бидат заменети на функциите. Франција и Германија предложија исто така да се преиспитува отсега и статусот на земјите членки а не само на кандидатите, односно тие што не се придржуваат на некои основни вредности на Унијата, да не држат лекции и наметнуваат услови на тие што бараат членство во Унијата.

Предлозите отидоа толку далеку што им се „отвора вратата“ и на тие што сакаат да бидат повеќе со Владимир Путин отколку со Брисел, така што ако не сакаат да гласаат за санкции кон Русија или други елементарни нешта – ќе треба да се исклучат од таа политика. Тие пак што сакаат да се однесуваат како Путин и Русија ќе се соочат со укинување на фондовите, бидејќи сите пари на ЕУ ќе бидат условувани со владеењето на правото, а земјите кои ќе се соочат со покрената процедура бидејќи одбиваат да ги прифатат вредностите на ЕУ- ќе добијат петгодишни санкции за помошта, а ако се упорни, ќе бидат исклучени од Унијата.

 Иако за сите овие предлози, и многу други исто толку радикални што ќе го сменат ликот на ЕУ  треба да се изјаснат и да гласаат земјите членки, целиот предлог е направен така да не може да биде блокиран, односно е во стилот „земи или оди си“, бидејќи нуди начини како да се искористи сегашната ЕУ регулатива за носење реформи без да се остави простор тие реформи да бидат блокирани и да зависат од волјата на секоја една земја членка. Вакво нешто не е видено досега во Европската унија, заедно со фактот дека предлогот одеднаш се појави директно пред министрите, многу земји не ни знаеја дека се подготвува, зад него застанаа „европските локомотиви“, внесен е на мала врата и проследен е со рок до кога треба да биде усвоен, а ЕУ да биде реформирана. За вакви одлуки во ЕУ изминатите години се дебатираше со години…

Главната вест, пак, за нас е дека проширување очигледно ќе има, рокот е зацртан, ветото нема да ни пречи до 2030 година, а Бугарија ќе мора да мисли и на својот статус како земја членка бидејќи туркањето на себични нерационални интереси нема веќе да се трпи во Унијата. Иако на крајот пак ќе биде во состојба да решава дали да и даде зелено светло на Македонија да влезе во ЕУ или не, дотогаш ако е сериозна, нашата држава може веќе значајно да е навлезена во структурите на ЕУ така што ветото ќе има друга тежина, а може и да го снема на долг рок. Бидејќи пораката на целата предлог реформа е дека ЕУ сака да оди напред, сака да носи брзи одлуки, сака да биде јадро на демократии, сака да биде глобален играч, сака да ги има зад себе сите земји што ги поддржуваат нејзините вредности, додека  тие што сакаат да ја кочат ќе добијат на располагање „шведска маса“ од опции – да изберат пониско ниво на интеграции или да побараат да не учествуваат во некои политики, но никако нема да им се дозволи да ја блокираат во носењето на одлуки.

Иако мора повторно да се нагласи дека дури сега земјите членки ќе се изјаснуваат за реформата, таа поттикнува неколку клучни прашања за нас: Во кој од четирите круга на евроинтеграција ќе биде Македонија и каде може да заврши; кога ќе дојдеме до пристап до европските фондови; дали влегувањето во една „брзина“ (група на членки) е условено со членство во Унијата или не; ќе има ли Македонија гласачки права или не и кој ќе решава до каде може да напредува во евроинтеграцијата?

Засега јасно е само дека процесот добива забрзување и дека заглавувањето што го направи новата филозофија и методологија на Макрон, давајќи им поголеми права во проширувањето на земјите членки – сега оди во „рикверц“. Тие што сакаат да глумат преговори отсега ќе можат да влезат во друг круг на односи со ЕУ и да не ги кочат останатите, а тие што сакаат целосна интеграција – можат да го постигнат тоа со брзо исполнување на условите, но почнувајќи од владеењето на правото бидејќи секое евро што ќе капнува од Брисел ќе биде условено со напредок во оваа сфера.

Според она што го предлагаат авторите на документот, кој од вчера е во процедура во ЕУ, Македонија може да ги води преговорите во „трета брзина“  како „придружна членка“ на ЕУ,а  во 2030 година, ако ги исполни условите и ако и изгласаат прием, да стане полноправна земја членка на ЕУ со право на глас, право на пристап до фондовите, со обврска да учествува во буџетот и со свои преставници во структурите на одлучување, вклучувајќи го ЕП. Првиот круг на ЕУ е резервиран само за земјите членки што сакаат подлабока соработа или, според терминологијата на Макрон, што сакаат не само проширување туку и „продлабочување на интеграцијата“. Во втората група се сите сегашни земји членки, а во групата каде што засега може да се види Македонија ќе бидат и Велика Британија, Швајцарија и земјите од Европската економска асоцијација, при што нејзин основен столб ќе биде единствениот пазар и паѓањето под надлежност на Европскиот суд на правдата. На земјите тука ќе им биде понудено  асоцијативно членство во релевантни агенциии на ЕУ , а најавите се дека ќе се вклучат во неколку политики – единствениот пазар, енергетика, заедничка надворешна и заедничка безбедносна политика. Во предлогот стои дека придтружните членки ќе плаќаат одредена намалена сума за заеднички институционални трошоци во буџетот на ЕУ и дека ќе добиваат зајакната помош за хармонизација со земјите членки, но нема да имааат пристап до земјоделските и кохезиони фондови додека не станат членки.

Веројатно ќе беше срамота да се укине новата методологија на Макрон за преговарање, па со овој предлог таа е маргинализирана, при што јасно стои оценката дека реформата што се бутка сега треба да ја врати кредибилноста и привлечноста на целиот процес на проширувањето, а не да ги прави смешни лидерите во регионот кои се залагаа за ЕУ досега. Неколку принципи притоа се кажани јасно во документот: учеството на повисоки нивоа на интеграција (кругови или „брзини“ според Макрон) во принцип да биде отворено за сите членки; припадноста на групата на придружни членки да не влијае на прашањето за членство и тоа да не биде ниту  алтернатива ниту предуслов за полноправна интеграција во ЕУ; само земјите што се на повисоко ниво на интеграција да ги споделуваат трошоците и бенефициите, а земјите што сакаат позајакната соработка да можат да го договорат тоа ; тие што нема да ги следат стандардите и условите за одреден круг на интегрирани членки да бидат ограничени во дејствувањето или да се суспендидаат. Практично се даваат можности секој да си го најде своето место во ЕУ според тоа колку е подготвен да (не) оди далеку во интеграцијата и да ги применува демократските и други основни стандарди, место како сега да ги црпат фондовите на Унијата и да се жалат колку ЕУ е автократска и колку и се грешни политиките што ги води. Новата реформа практично ќе спречи новите земји членки да направат од ЕУ спротивно од тоа што беше нејзината замисла на почеток и ќе овозможи таа повторно да стане инспиративна, моќна и трансформативна, што е под прашалник сега. Орбан, Радев и таквите ќе се соочат со значително стеснет политички простор и со ултиматуми да покажат каде сакаат да одат, со кого и како. А, Македонија место со Бугарија отсега ќе мора да се справува со главната порака: земјите што нема да го почитуваат владеењето на правото не ќе можат да бидат дел од единствениот пазар и од фондовите за финансиската помош, а со тоа и од членството.