„Риголето“ на Верди ги отвара 53. Мајски оперски вечери на 9 мај во НОБ


Фото: Б. Грданоски

Со премиерата на операта „Риголето“ од Џузепе Верди, на 9 мај ќе се отвори 53. издание на Мајските оперски вечери во Националната опера и балет (НОБ). Диригентот и режисерот се од Италија, маестро Џанлука Мартиненги и Пјер Маестрини. Насловната улога ќе ја пее Марко Карија од Италија, а улогата на Џилда оперската певица Ана Дурловски.

 

Во екипата се и Марио Баг (Јужна Кореја), Игор Дурловски, Николина Јаневска,  Владимир Саздовски/Борко Биџовски, Драган Ампов,  Јане Дунимаглоски и Александра Лазаровска-Василески. Сценографијата е на Гилермо Нова од Шпанија, костимите на Кристина Ачети од Италија, а кореографијата на Саша Евтимова.

До 31 мај, на Мајските оперски вечери ќе се изведат и „Лебедово езеро“ (15 мај), „Набуко“ (19 мај), „Мадам Батерфлај“ (23 мај) и „Турандот“ (27 мај), а затворањето традиционално е со „Аида“.