Риголер: Нема повторно отворање на „францускиот предлог“

Северна Македонија и Бугарија треба да почнат процес за повторно да воспостават доверба и нови односи, а за тие односи на доверба треба да се фокусирааат на конкретна соработка, во интерес на двете држави, порача вечерва амбасадорот на Франција во државава Кристоф Ле Риголер.
Тој во интервју за „360 степени“ ги коментираше изјавите од Европската комисија дека сака до крајот на нејзиниот мандат да завршат преговорите со две, ако не и три земји кандидатки.
– Да, очигледно е дека е возможно и дури и посакувано, затоа што многу работи веќе беа направени на реформски план овде во Северна Македонија, усогласеност со европското законодавство, што е многу важно, земјата е веќе многу напредната во тој процес и нашето убедување е дека, откако би успеале да ја надминеме таа блокада за која зборувавме, процесот ќе може брзо да напредува на задоволство на сите, рече амбасадорот Ле Риголер.
За т.н. „француски предлог”, амбасадорот вели – нашиот став беше јасен, нема повторно да го отвораме компромисот од 2022 година, нема за него повторно да се преговара, тој треба да се почитува. Но, во сложени состојби, кои можат да бидат блокирани, секогаш постои простор за дипломатска активност, додава тој.
Амбасадорот Ле Риголер истакна дека е тешко да се предвидуваат апсолутни гаранции за евроинтегративниот процес, како што посочува, од една едноставна причина, бидејќи процесот е сложен, во текот на кој во различни моменти дваесет и седум држави членки ќе треба да се изјаснат едногласно.
– И на крајот на процесот дваесет и седум држави членки ќе треба да се изјаснат за договорот за членство на Северна Македонија, за ова прашање за кое разговараме денес, со гласања во нивните парламенти или преку референдум и изјаснување на народот. Забележувате дека постојат различни политички и демократски настани за кои е тешко да се добијат апсолутни гаранции, но сепак ја разбираме загриженоста на македонските власти и на населението од оваа држава, особено таа потреба за предвидливост. Тоа е нешто важно, разбирливо и легитимно, вели францускиот амбасадор.
Според него, треба пред сè да се размислува за глобалната придобивка за сите – придобивка за Европската Унија, придобивка за регионот, за Југоисточна Европа и за Северна Македонија.
– Нашиот став, ставот на Франција, е јасен, членството на Северна Македонија во ЕУ е во интерес на сите. Во интерес навистина на сите. И сите треба да го разберат тоа, да го направат неопходното, за заедно да ја постигнеме таа цел од која сите ќе имаме корист. Го спомнавте компромисот од 2022 година, кој овде често се нарекува „француски предлог“, но компромис кој беше прифатен од македонските власти. А еден компромис е компромис, што значи никогаш не е задоволителен. Затоа и така го викаме – зашто во еден компромис има позитивни, помалку позитивни работи. Нашиот став беше јасен – нема повторно да го отвораме компромисот од 2022 година, нема за него повторно да се преговара, тој треба да се почитува. Но, во сложени состојби, кои можат да бидат блокирани, секогаш постои простор за дипломатска активност и тоа треба да биде дел од нашата постојана активност и да имаме надеж. Постои простор и маневар за таа дипломатска активност. Јас инсистирам на тоа и таа активност треба да се спроведува без притисоци и страсти на населението, тоа е многу важно. И би завршил со една желба – мислам дека во актуелниот контекст, од една страна нели со европскиот предизвик и предизвиците што ги поминува европскиот континент поврзан со безбедноста, сметам дека Северна Македонија и Бугарија треба да почнат процес за повторно воспоставување на доверба и нови односи, а тие односи на доверба треба да се фокусирааат на конкретна соработка, соработки кои се во интерес на двете држави, на стопанствата од двете држави, народите од двете држави. Мислам дека треба заедно да работиме за односи од кои корист ќе имаат двете држави, вели амбасадорот Ле Риголер.