Рибеиро: На малите пазари медиумите се лесен плен на политички и бизнис интереси
На малите пазари, каде медиумите немаат финансиска структура која им овозможува да бидат целосно независни од различните интереси, тие претставуваат лесен плен за политичките и бизнис интереси, вели во интервју за МИА претставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите, Тереза Рибеиро.
Во однос на забелешките во извештајот на Репортери без граници, дека и покрај подобрувањето на позицијата на Северна Македонија со скок од 19 места и заземањето на 38-то место во земјава се уште има силна политичка поларизација и создавање паралелни медиумски системи на власта и опозицијата, Рибеиро нагласува дека ова не е реалност само во оваа држава.
-За жал, ова не е реалност што ја гледаме само во Северна Македонија. Напротив, истата појава ја гледаме во целиот ОБСЕ регион. Она што го гледаме е силна поларизација, и ова е многу поврзано со развојот на социјалните медиуми, политичката поларизација што на некој начин ги јакне трендовите на популизмот не само во регионот на ОБСЕ, туку и во целиот свет, вели Рибеиро.
Преставничката на ОБСЕ за слобода на медиумите потенцира дека насекаде е присутен тој негативен тренд на постојана кампања за дискредитација на новинари, бидејќи, како што вели, популистите не сакаат контрола, не сакаат мешање на новинарите, тоа е закана за нив.
Околу придобивките и заканите што ги носи вештачката интелигенција за медиумите Рибеиро вели:
„ Првата работа што треба да биде јасна е дека вештачката интелигенција дефинитивно носи многу придобивки, не само во врска со медиумската слобода туку во сите димензии од животот, односно е позитивна технологија. Истовремено, има се повеќе дискусии околу негативните влијанија на вештачката интелигенција и проблемот е како да ги искористиме тие придобивки, а истовремено да бидеме во можност да се справиме со најтешките или најгорливите аспекти поврзани со вештачката интелигенција. Тоа дефинитивно ќе има големо влијание врз слободата на изразување поради бизнис моделот и ова навистина претставува проблем. Она што го имаме во моментов на полето на вештачката интелигенција се работи што го привлекуваат вниманието на јавноста, што често не е информација од јавен интерес која ние би сакале јавноста да ја интересира. Мора да најдеме начин како да се справиме со ова и ова е задача за сите нас – владите, општеството во целина и платформите што имаат голема одговорност – да ги немаат моменталните недостатоци во бизнис моделите кои не се фокусираат на човековите права. Она што навистина треба да направиме е да ги убедиме платформите дека е потребно во иднина да регулираме некои од недостатоците на нивниот бизнис модел, за да бидеме сигурни дека некои од најштетните аспекти за медиумската слобода нема да преовладаат и ова е од клучно значење. На пример, во известувањето, вештачката интелигенција на некој начин ги заменува новинарите и нивната работа како уредници токму поради бизнис моделот. Она што би сакале да го видиме е бизнис модел на платформите што е повеќе фокусиран на информации од јавен интерес и видот на новинарски содржини што можат да придонесат во јавната дебата и промовирање на демократско учество и активно граѓанство. Тоа е она што сакаме да го видиме„, вели Рибеиро.