Режисерот кој избега од Иран доби 12-минутни овации во Кан
Иранскиот филмски режисер Мохамад Расулоф, кој побегна од затвор и казна од камшик во својата земја, беше награден со специјална награда од жирито на Канскиот филмски фестивал за неговата приказна за судски истражител чиј семеен живот е растргнат за време на антивладините протести.
При прифаќањето на наградата во францускиот туристички град, 51-годишниот Расулоф рече дека неговото срце е со неговата филмска екипа, која „се уште била под притисок на тајните служби во Иран“.
Специјалната награда на жирито му беше доделена на Расулоф за „привлекување внимание кон неодржлива неправда“ во Иран, соопштија организаторите по проекцијата на филмот „Семето на светата смоква“, што доведе до 12-минутни овации.
Главната награда на фестивалот, пак, отиде во рацете на филмот „Анора“, сензуална драма и комедија за егзотична танчерка која се вплеткува со син на руски олигарх.
Претходно на прес-конференција, Расулоф потсети како во рок од неколку часа морал да одлучи дали да оди во егзил или да одлежи затворска казна, велејќи дека сè уште е тешко да се зборува за тоа.
„Морав да си кажам, добро, дали сакам да бидам во затвор или да го напуштам Иран, географски Иран и да се приклучам на културниот Иран што постои надвор од неговите граници?“, рече Расулоф, кој е отворен критичар на репресијата во Иран и двапати одлежа затворски казни.
Иранското правосудство го осуди Расулоф на камшикување и осум години затвор, откако беше осуден за „дејствија против националната безбедност“, рече неговиот адвокат Бабак Пакнија на 8 мај.
Деталите за неговото бегство од Иран не се целосно познати. Тој рече дека акцијата била измислена со користење на контакти што ги остварил за време на неговиот престој во затвор.
„Колку повеќе поминувате време со испрашувачите, тајната полиција, толку повеќе учите како да ги спречите“, изјави тој за новинската агенција АФП во Кан.
„Тие ви ги покажуваат вашите мејлови, па учите како да ги пишувате.
Расулоф рече дека и дошол до идејата за „Семето на светата смоква“ додека бил во затвор.
Западните застапници за заштита на човековите права и луѓето од филмската индустрија ги осудија дејствијата на Иран против Расулоф и побараа негово ослободување.
Расулоф ја доби главната награда на Берлинскиот филмски фестивал во 2020 година за неговиот филм Нема зло, кој раскажува четири приказни слабо поврзани со темите на смртната казна во Иран и личните слободи под угнетување.